И покрај убедувањата на Министерството за образование дека нашите деца учат според современа образовна програма, се почесто родители реагираат на пропусти и небулози во учебниците за основно образование. Така, по реакциите за лекциите во кои што на некој начин се дискриминираат децата на самохраните родители и на оние кои што не правеле свадба, и по лекциите во кои што како пример се дава дека просечно семејство во Македонија има месечен буџет од 62.000 денари, на ред се лекциите во кои што се вели дека во кавадаречко седум годишни деца аргатуваат на лозјата, по барање на родителите, за дневница од сто денари.
Ова тврдење е дел од лекцијата,,Човекот, човечките права и одговорности“- „Правата на детето“ од учебникот по Граѓанско образование за осмо оддление. „Деца на возраст од 7-8 години аргатуваат во лозјата во кавадаречко. Наместо на училиште, тие со своите родители берат грозје. Аргатуваат по барање на родителите. Берат грозје по десет часа на ден, за дневница од сто денари“ – стои во учебникот.
Родители кои што го забележале напишаното во лекцијата од Тиквешијата, реагираат дека децата се принудени да учат невистини, а лозарите од кавадаречко се прикажани како експлоататори на сопствените деца. ,,За време на гроздоберот се случува да доаѓаат групи на Роми од други краеви, но далеку од тоа дека токму деца можат да берат гројзе, и тоа по десет часа на ден. Обично се работи за повозрасни тинејџери, дневниците се околу 1.000 денари за седум до осум часа берба.
Седумгодишни деца не се физички способни да издржат таков напор, како што е опишано во учебникот, и никој родител не би го малтретирал своето дете десет часа на лозје, па дури и за сто денари, како што ги учат нашите ученици“ – реагираат родители, прашувајќи дали и кој им прави контрола на авторите на учебниците пред тие да бидат објавени.
Инаку, учебникот е дело на авторите Ксенофон Угриноски и Крсте Василески. Издавач е Министерство за образование и наука на Република Македонија, а употребата е одобрена во 2009 година.
Вики Клинчарова