Според методите на УДБа за врбување кодоши, преродбениците стекнуваат коалициони партнери

by Фокус

Текстот е објавен на први април 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 822

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Наместо демократска екологија или прочистување на системот, како што приврзаниците оптимистички ја вреднуваа и проценуваа лустрацијата, овој процес во македонски услови од поодамна се претвори во чисто промашување или промашена инвестиција. Ако се земе податокот дека лани Комисијата за верификација на фактите добила од буџетот 24.405.000 денари, а од илјадниците изјави успеала да „верификува“ само еден „факт“ тогаш излегува дека процесот против Трендафил Ивановски нѐ кошта околу 400 илјади евра!

Се разбира, не дека треба да штедиме на материјал за еден вака важен проект, но, согласно досегашните ефекти, сите пријавени од лустрационата машина да излегуваат чисти „ѓоа бебенца“ тогаш есапот ќе излезе чист зијан. Освен, се разбира, за 11-те членови на комисијата кои барем си нашле одредена занимација за добра плата!

Доколку, пак, се потсетиме на драматичната изјава на Никола Груевски, дека ако целосно не се затвори лустрацијата, тоа ќе било „како одење напред со крената глава, а со боцки во нозете“, останува да одгатнуваме, дали при толку дијагностицирани боцки во нозете сега му е полесен одот со едно извадено трнче? Поточно, и тоа не е баш „исчупнато“ оти и оној едниот „верификуван факт“ и натаму работи како судија во Уставниот суд!

Или, можеби, целиот проект беше само обична зафрканција за замајување на рајата, додека истите „таленти“ од минатото имаа убав соживот со преродбениците. Од друга страна, пак, методите на УДБА се препородија во една сега „модерна“ варијанта, од која актуелниот режим влече солидни придобивки за вечноста на 100-те чекори!

ОД ТРЕТИНКАТА НА БОНЕВА, НЕ ИЗЛЕЗЕ НИ ТРЕТИНКА КОДОШ!

Всушност, поводот да потрошиме троа време и простор за лустрацијата се неколку дилеми и тези. Зошто силните најави и прогнози за вриеж од кодоши во јавниот живот доживеаја тотално фијаско? Зошто преродбеничката машинерија ги вметна во прочистителната фаза и бившите функционери кои не се починати, кога никој жив во државата не знае колкумина влегуваат во оваа графа. Уште помалку, пак, некому му е јасно: Кој сѐ влегува во оваа формулација – бивш функционер?

Ребусот на оваа пародија може да се одгатне многу едноставно: Методите на УДБА за врбување на кодоши од идејно-политичка провиниенција за пари или кариера и денес се омилено орудие на Груевци. Секој документ за одреден криминал, секој податок со кој некој се компромитира, секоја кривична пријава, може да послужи да се направи од дотичниот – не кодош, туку партнер на власта или барем нејзин мегафон!

За да биде појасна дискрепанцата меѓу прогнозите и резултатот, добро е да ги реафирмираме ,фактите, од комисијата. Цела влада, сето собрание, море судиите и обвинителите, ем сите општински советници се чисти како избањати, ем намирисани од лустрационистите.

Да биде малку и драматично, откако лани од сите можни 1.391 советник од 85 општини пред комисијата се отчитаа 1.283, оние 108 што демек ескивираа станаа сомнителни. Арно ама, тие, велат нашите извори, доставиле изјави до ДИК, па откако ДИК-овци ги препратиле до лустрационистите, на крајот се завршува со happy end. Жив кодош нема меѓу општинарите од советнички ранг, нели!

Како што Диоген со фенер барал Човек, така ние можеме со фенер да бараме Кодош низ локалците, ама нема да го најдете во Македонија. Јас пак прогнозирав со фикс 1 дека ќе се изнајде барем еден од некоја општина ала Кукуречани. И, ете, утнав 102 отсто!

Арно ама, само пред некоја годинка, во загревањето за натпреварот, фрчеа типувања за бројката на соработници која ќе биде раскринкана со овој закон. Други се џилитаа со документи за познати ѕверки со кодошки бекграунд. Денес звучи комично прогнозата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека после законот следува потоп – ќе се случело масовно симнување на јавни личности од експонирани државни позиции.

Шефицата на пратеничката група, Силвана Бонева, во една пригода како „спорни“ ќе ги означи дури „една третина од лицата кои моментално се на позиции во локалната и во државната власт, вклучувајќи го парламентот и сите именувани функционери, како и во државната администрација која одлучува за сериозни работи“. Е, од третината на Бонева, меѓу сите овие не се најде ниту третинка кодош!

Директорот на Архивот, Зоран Тодоровски, уверуваше дека од документацијата за политички прогонувани лица ќе излезат списоци на информатори. Дури ќе наведе дека по 15-20 лица „одработувеле“ на едно досие, меѓу кои имало академици, професори, колумнисти… Ќе посочи и дека од досиејата на некои личности, кои денес силно се експонираат како борци за самостојна Македонија, се гледало дека тие всушност биле информатори. Даде и пример за еден кој се прикажувал како жртва на тој режим, лежел во затвор, но, во 1970-тите години бил трговски претставник во Москва. А, се знаело, нели, како тогаш се заминувало во Москва!

Уште повеќе Тодоровски ќе ја заскокотка нашата љубопитност, откако пред цели 4 години со голема доза на сигурност ќе навести дека „за еден познат новинар, кој се појавува на телевизија и пишува во весниците, ќе се откријат многу нешта“!

ОРИГИНАЛИТЕ ДОБИЈА УБИСТВЕНА МОЌ

За сега се откри само дека лустрацијата како проект на преродбата е една обична шарена лага. Но, и во оваа пригода да го реобјавиме тврдењето на екс-разузнавачот Јанко Бачев, преповторувано во неколку наврати, дека најмалку тројца во Владата на Груевски, а ги има ем и во Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, и најмалку десетина директори во вторите ешалони на власта се печени за лустрација. Уште повеќе, тој дури тврдеше дека тајната полиција после 1990 година била инволвирана во формирање на дури седум политички партии, што сега се дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ!

Од партијата на екс-министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски, Обединети за Македонија, најавуваа дека доколку комисијата „киксне“, тие ќе ги откријат имињата на кодошите. Претходно и од НДМ, партијата на Бачев, се закануваа дека ќе излезат со досиејата на најкрупните 30-тина кодоши од јавната сфера!

Секако, до сега ниту заканите се реализираа, ниту прогнозите се остварија. Иако, се чини, утките се во лустрациските филтри, а не во проценките. Можам да се обложам дека деталите за идентитетот на кодошите веќе ги имаат многумина, кои во изминативе години и децении имале пристап до овие тајни одаи на ДБК архивите.

И, не дека сега стравот е во високите казни со кои законот се заканува доколку се објават вакви имиња или документи, туку се чини дека овие корисни сознанија најчесто се користат во зорт или да се „закуца“ тројка, доколку таков кодош му се здаде на имателот на копиите.

Впрочем, и други екс-министри на полицијата се расфрлале во даден момент со одредени псевдоними на соработници, па, јасно е дека ваквата функција има солидна употребна вредност во политичкиот живот!

Но, проблемот е што клучот за успехот на лустрацијата се крие во Управата за безбедност и контраразузнавање, во чии депоа се најважните документи за лицата кои во животот функционирале со кодошење. Меѓутоа, за јавноста останува енигма, колку вакви документи има во УБК? Таму, пак, се главни Јанкуловска и Мијалков.

Со последните измени на законот, пак, уште повеќе, се вметна дека до комисијата можат да достават податоци и трети лица, ама „во оригинал“ што делува уште попародично! Што правиме ако некој го земал оригиналот токму да го закопа?! Во такви случаи дури и копиите би свршиле работа да се истражи, дали има оригинал или зошто го нема? Во ваква ситуација, оние што ги имаат оригиналите ќе имаат уште поголема моќ… главно да уценуваат!

Со други зборови, ваквата оригинална одредба, во услови кога УБК доминира и диктира, а комисијата, ваква-таква само „прима к знању“ она што ќе и го сервира УБК, единствено ги направи оние што имаат копии, да изгубат на вредност на пазарот. Оригиналите пак, во рацете на било кој, добиваат убиствена сила!

Вреди да си ги освежиме сеќавањата дека врвни полициски функционери во изминативе години тврдеа дека најмалку во три наврати имало големо прочистување на сите досиеја, и на политичките затвореници и на соработниците. Ги наведуваа периодите: Прво, после падот на Александар Ранковиќ 1966 година, потоа во 1990 година, кога се случи промена на системот и во 1998 година пред промените, кога првпат дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт.

И Зоран Тодоровски на времето изрази сомнеж дека архивите биле дополнително „чешлани“. Дури спомена дека некои високи функционери, меѓу кои и еден пранешен министер за внатрешни работи, инаку универзитетски професор, или си ги зеле или си ги фризирале документите!

И, уште еднаш – арно ама, до сега ниту еднаш не се утврди дека нешто фали, дека нешто е фризирано, нешто е филувано, нешто е исчезнато. А законот ѓоа и тука фрчи со високи казни – до 4 години затвор! Но, додека бате Саше молчи, не ја есапи дури ни собраниската комисија за контрола на УБК, за комисијата за лустрација ич муабет да не правиме, бидејќи дури ни формално-правно нема таква моќ и знаење, тогаш останува само да ја проследиме пародијата до крај, со по некој аплауз за глумата и за сценариото!

АКО ОДБИЕШ, ЌЕ ЗАВРШИШ КАКО ВЕЛИЈА!

Доколку ги сумираме сите изјави на добро упатените во работата со доушниците, ќе заклучите дека опасноста да се злоупотребуваат досиејата одлеани во приватни збирки и со нив да се уценуваат луѓе не е нешто непознато. Патем, и врбувањето на кодошите одело по три основи: Некои доброволно се пријавувале, други во тоа влегувале за пари, но, она што е најинспиративно е третиот начин – да се регрутираат со помош на компромитирачки материјали!

За илустрација, фаќате една личност во „тешка кражба“ или можеби злоупотреба некаква, некого во хомосексуална врска, и потоа службата му нуди: или-или. Вака притиснати, овие лица прифаќале да бидат соработници, само да не пукне бруката!

Да потенцирам дека зборуваме сега конкретно за оние соработници од идејно-политичка природа кои се и предмет на законот. И потоа на ваквите убаво им одела кариерата. Но, редно е да се прашаме: Зарем сега не ги користат Груевци истите методи?

Само што за возврат од „соработникот“ не се очекува да олајава кој што рекол против власта и режимот, оти барем јавно сите дрндаат, туку да ја велича оваа портокалова дружина! Ем тоа ќе му се „позлати“ а и кариерата ќе му оди по угорна линија. И секако, тие не се викаат веќе кодоши, соработници на УДБА, туку партнери на власта, нејзини верни мегафони, подржувачи, спонзори… Чест на исклучоците, кои можеби од срце и душа веруваат во 100-те чекори!

Од друга страна, иако Груевци нон-стоп верглаат дека СДСМ и во плурализмот „делал“ по теркот на КОС и УДБА, сепак, и тие кутрите само најдоа пософистициран начин за иста намена. На пример, според бивши вработени во службата, во средината на 90-тите, во рамките на СДБ незаконски функционирал и посебен оддел кој исклучиво работел на проблематиката на контролирано и диригирано новинарство, односно нивно врбување по однапред грижливо спроведена селекција. Врбувањето, уште еднаш да нагласам, и во плурализмот, како и во комунизмот, се вршел во најголем дел на материјална и комромитирачка основа!

За кодошката работа по осамостојувањето на Македонија, овие новинари имале редовни примања од т.н. спец-каса на тајната полиција,  која се полнела со „самофинасирање“ на тајната полиција со парични средства од одбрани бизнисмени-соработници на СДБ, кои за возврат добивале даночно-царински привилегии при својот увоз-извоз на стоки каде се „ослободени“ на царинските премини!

И конечно, дали сега постојат благословени бизнисмени кои добиваат привилегии и новинари кои имаат посебен статус во очите на преродбата? Само што сега не е во игра „спец-каса“ на ДБК, туку буџетот, од каде „шаком и капом“ се даруваат соработниците, пардон – коалициските партнери, пријатели на власта и новинарски ѕвезди на преродбеничкото небо.

Ако вие држите за „јајца“ некого заради кривична пријава, друг заради некој голем судски процес кој нема крај, трет заради разни алаш-вериш бизниси, тогаш овие ќе пеат оди и хвалоспеви за Пастирот. Попатно, уште ќе им тргне дупло бизнисот. Значи, дупли ќеиф од соработката. Ако се дрзнете да ја одбиете понудата или да ја прекинете „соработката“ тогаш може да завршите и како Велија Рамковски!

Поврзани новости