Најдобар извозен производ на Македонија се Македонците!

by Фокус 14:48
14:48

Текстот е објавен на 27 март 2009-та во неделникот „Фокус“ во бројот 717

Пишувал
Александар ДИМИШКОВСКИ

- Advertisements -

Никој во државава не знае колку точно македонски државјани живеат и работат во странство. Никој не знае ниту колку странски државјани со потекло од Македонија има низ земјите во светот. Владите во нашава земја традиционално не водат грижа за луѓето што ја напуштиле или ја напуштаат татковината. Оттаму, ниту една државна институција нема евиденција на бројот на државјаните што „привремено“ заминале од тука. Меѓутоа, речиси сите знаат колку пари праќаат дијаспората и гастербајтерите кај своите роднини и пријатели, а особено колку тие девизи се важни за Македонија!

На годишно ниво, преку приватни трансфери во државава се слеваат околу една милијарда долари во просек во изминатите пет години. Од нив, според проценки на ММФ, 67 проценти се пари пратени од дијаспората и од гастербајтерите, кои праќаат пари на своите роднини или пријатели во земјава. Тоа практично значи дека дијаспората годишно ни праќа околу 700 милиони евра, што е далеку повеќе од просечниот износ на странските инвестиции во земјава на годишно ниво. Поради тоа, сосема логичен е заклучокот дека извозот на „мозоци“ како што популарно се нарекува емиграцијата на квалификувани кадри, по се изгледа ни е најдобар бизнис, бидејќи токму во тој „сектор“ бележиме најголем профит во сигурна странска валута!

НИКАКО ДА СЕ ПРЕБРОИМЕ

Во отсуство на официјални податоци од домашните институции, ММФ во 2006 година излезе со проценка дека околу половина милион македонски државјани живеат и работат во странство. Од нив, според ММФ, половината се етнички Албанци, државјани на Македонија. Светската Банка, пак, утврдила бројка од околу 370.000 граѓани, кои ја напуштиле државава во периодот од 1989 до 2005 година.

Според последниот извештај на Светска банка, насловен како Миграции и Парични пратки во 2008, од Македонија до 2005-та заминале вкупно 370.826 граѓани, што претставува 18,2 отсто од вкупната популација во државава, согласно пописот од 2002 година. Топ десет дестинации во кои тие заминале, според анализите на експертите од Банката, се Германија, Швајцарија, Австралија, Италија, Турција, САД, Австрија, Словенија, Хрватска и Франција. Една петтина, односно 20,9 отсто од евидентираните емигранти, се со високо образование!

Меѓутоа, уште позастрашувачки се бројките што можат да се најдат, доколку се прочешлаат официјалните податоци од пописите што се спроведуваат во земјите низ светот. Само во земјите што од Светска банка се посочени како најатрактивни дестинации, според пописите одржани во периодот од 2001 до 2008 година (во зависност од државата), официјално има околу 450.000 лица што се изјасниле како Македонци, по потекло или со наше државјанство!

– Ниту една институција во државава нема прецизна бројка на луѓето што живеат или работат во странство. До 1999 година, ние имавме база на податоци, но, сето тоа беше на доброволна база на пријавување. Во 1999-та, имаше околу 120.000 регистрирани Македонци од сите континенти на светот што доброволно се регистрираа во Матицата на иселениците. Сега работиме на нова, електронска база на податоци. Преку нашата Интернет страница, им овозможуваме на сите Македонци во странство, кои имаат потреба да остварат некаков контакт со свои пријатели, роднини, да најдат некои стари познаници или слично, тоа да го направат преку доброволна регистрација во базата на податоци – вели Иван Џо Петрески од Матицата на иселениците.

Од таму велат дека не располагаат со точна бројка на македонски државјани што живеат или работат подолго во странство. Меѓутоа, според нив, од информациите добиени од разни организации на Македонци во дијаспората, проценките се дека од Македонија по завршувањето на Втората Светска Војна заминале околу 400.000 граѓани, додека во периодот од 1991 до денес, дополнителни 300.000 граѓани. Според информации на Матицата на иселеници, вкупната бројка на луѓе со македонско потекло и државјани на РМ, кои живеат или работат во странство, се движи меѓу 800.000 и еден милион!

И во Министерството за надворешни работи велат дека немаат точна бројка на Македонците што живеат и работат во странство. Таму објаснуваат дека е тешко било која бројка да се земе како веродостојна, бидејќи дел од тие што заминуваат, никаде не пријавуваат дека за подолг период ја напуштаат државата, а и дека не е мал бројот на оние што заминуваат и патуваат со пасоши од други земји.

И ДИЈАСПОРАТА СТРАДА ОД ЕКОНОМСКАТА КРИЗА

Според последниот извештај на Народната банка на Македонија (НБМ), во 2008 година е забележан пад во приватните трансфери од странство за 3,8 отсто во однос на претходната година. Вкупно, преку приватни трансфери во 2008 година, во Македонија се влезени 885,2 милиони евра.

Со оглед на зголемениот трговски дефицит во 2008-та, кој изнесуваше 2,8 милијарди долари, покриеноста на трговскиот дефицит со паричните пратки од странство во периодот јануари – ноември 2008, изнесувал ,само, 55,9 отсто, за разлика од неверојатните 91,4 отсто во истиот период од 2007 година.

Според пресметките, пак, на ММФ, 67 отсто од приватните трансфери се пари пратени од иселеници. Тоа практично значи дека само од дијаспората лани во Македонија се слеале 600 милиони евра.

Меѓутоа, експертите од Светската банка во минатиов вторник објавија информација дека е сосема реално, на глобално ниво да се очекува пад на паричните пратки од странство за пет до осум отсто. Притоа, од Светската банка очекуваат дека минимален пад од пет отсто во тековнава 2009-та ќе има дури и во земјите каде што во изминатите четири години е забележан континуиран голем пораст на паричните пратки од странство, меѓу кои се земјите од регионов, потоа, држави од Источна Европа и од некои делови од Азија.

За важноста на приватните трансфери, односно паричните пратки од македонските емигранти, за домашната економија доволно говори фактот што во 2007 година, преку приватните трансфери се покриени преку 90 отсто од дефицитот во трговската размена со странство.

Во Македонија, износот на приватните трансфери од странство почна значително да се зголемува во 2004 година, кога во државава се слеани околу една милијарда долари, што беше речиси двојно повеќе од паричните пратки од претходната 2003 година. Тогаш, објаснувањето беше дека најголем дел од оваа сума се пари што „гастербајтерите“ односно дијаспората ги праќа на своите роднини и пријатели во Македонија.

Информацијата дека приватните трансфери се двојно зголемени за само една година беше и главната причина за анализите на ММФ за миграцијата, според кои, причината за зголемениот обем на парични пратки од странство е и значително зголемената емиграција од државава во периодот по 2000 година!

БЕГААТ, ЗА ДА ЗАБОРАВАТ!

Според Петрески, дополнителен проблем во утврдувањето на точната бројка на Македонци по потекло или државјани на Македонија што живеат или работат во странство, е фактот што тие што заминуваат од државава најчесто забораваат или сакаат да заборават од каде се. Пред сѐ, поради економски, политички и правни причини!

– За еден човек да ја напушти државата во која е роден и во која живеел, тогаш тоа мора да е, или од економски причини или од политички, или, пак, поради правни, односно, поради некој криминал, па одговорноста за него се обидуваат да ја избегнат, преку бегство во странство. Меѓутоа, најчесто, луѓето што ја напуштаат државата се чувствуваат разочарани од односот на државата кон индивидуалците воопшто, без оглед на конкретните нивни, лични причини, тврди Петрески.

За него, најсилен доказ дека владите во Македонија не се грижат за луѓето што ја напуштиле или ја напуштаат државата е немањето податоци за бројот на македонските државјани што живеат надвор од Македонија.

Според него, главна причина за проблемот со неорганизираноста на македонската дијаспора е токму тоа што државата не води грижа за луѓето што ја напуштиле или ја напуштаат.

– На луѓето што живеат надвор од Македонија, а што се изјаснуваат како Македонци, односно, државјани на Македонија, не им е дадена шанса да дадат придонес во градењето на државата и демократијата во државата, преку учество во изборите, односно, преку можноста да учествуваат во изборот на луѓето и институциите што ќе ја управуваат државата. Имаше многу најави дека ќе се овозможи дијаспората да гласа, но, ништо од тоа не се реализираше, вели Петрески.

Тој објаснува дека една од главните причини за силата на дијаспората на Хрватска, на пример, е токму тоа што оваа земја овозможила сите граѓани што ја напуштиле државата да го задржат чувството дека се Хрвати со можноста активно да учествуваат во градењето на државата преку гласање на изборите што се одржуваат во нивната земја.

Сепак, голем е бројот и на оние што не се изјаснуваат како Македонци, како поради надворешни влијанија, така и поради страв од дискриминација.

– Додека патувавме низ светот во изминатите години, често се среќававме со луѓе што се по потекло од Македонија, меѓутоа, се плашат тоа да го искажат. Има такви кои тоа го прават од материјални, економски причини, па се пишуваат како државјани на други земји, бидејќи добиваат пари од нивни организации. Но, има и такви кои што се плашат од дискриминација. Имавме еден случај со семејство од Нов Зеланд, кое се плашеше да се изјасни како македонско, стравувајќи дека потешко ќе им бидат примени децата на факултет, или дека помалку ќе бидат платени кога ќе се вработат, велат од Матицата на иселениците.

ДРЖАВА БЕЗ НАЦИЈА ИЛИ НАЦИЈА БЕЗ ДРЖАВА

Државата Македонија очигледно не може да постигне да се ,грижи, за луѓето што ја напуштиле или ја напуштаат државата, поради ,напорите, што таа ги прави за подобар живот на оние што се уште живеат на нашата територија. Па, затоа, не ги ни евидентира. Или пак, можеби тоа е техничко решение за намалување на невработеноста и сиромаштијата – колку повеќе луѓе заминуваат, толку повеќе работни места се ослободуваат во државава.

Во таква ситуација, како седумка на лото за домашната економија доаѓаат и паричните пратки што дијаспората и гастербајтерите ги праќаат на своите роднини и пријатели во државава, а која, како што веќе кажавме, на годишно ниво се движи околу 600 до 700 милиони евра во изминатите пет години.

Особено изненадува недостигот од интерес барем да се ,прочешлаат, податоците од пописите што се спроведуваат во земјите од светот каде живеат или работат Македонци, за да се добие една груба бројка, како почеток на една можна реинтеграција на секој индивидуалец што ја напуштил државата.

Инаку, трендот за напуштање на државава е во нагорна линија особено во последните осум години, пред се поради економската состојба и нискиот животен стандард.

Сепак, ниту тие што веќе ја напуштиле државата, ниту, пак, оние што ја напуштаат, не пројавуваат сериозен интерес да помогнат за развој на државата. Точно е дека не им е овозможено ниту да гласаат, што е сериозен пропуст на властите во Македонија, меѓутоа, точно е и тоа дека, голем дел од нив, во желбата за брзо збогатување и поквалитетен личен живот, многу брзо забораваат кои се и од каде се. Оттаму, веројатно нема во догледно време да можат да се тргнат од етикетата дека „и пет долари ќе дадат ако треба за среќата на Македонија“!

Во таа взаемна спрега на двостран недостаток на интерес, заеднички е само недостатокот на државни интереси, кои во шумата од лични интереси, не можат да дојдат до светлина, за конечно да добијат на тежина. И, токму затоа, државава неодоливо потсетува на концептот на неолибералната демократија на Ноам Чомски, според кој, позади сите спротивставени политички структури, стојат исти ситни бизнис интереси!

Како и да е, најмалку една петтина од нацијата веќе ја напуштила државата за само 16 години, во периодот од 1989 до 2005 година. А, изгледа дека најстрашното допрва доаѓа. Нормално, по евентуалната визна либерализација за земјите од Европската унија и особено со евентуалното членство во неа. Сите домашни и странски експерти се согласни дека Македонија во овој процес може да очекува бранови на емигранти кои вкупно нема да бидат помали од 10 отсто од вкупната популација.

Во такви услови, веројатно предоцна ќе констатираме, дека државата ја губи нацијата, а нацијата ја губи државата!

КУМАНОВЦИ ВО ИРАК И АВГАНИСТАН

Медиумите, особено печатените, се преплавени со огласи од Агенции или фирми што посредуваат за работа во странство, или, пак, за вадење иселеничка виза за белиот свет. Се бараат работници од секакви профили за работни позиции во високоризични средини, како што се Авганистан или Ирак; работни места што предвидуваат исклучително тешка физичка работа, како што се нафтените платформи, меѓутоа, се бараат и секаков вид на профили и во земји со низок наталитет, недостаток на работна сила и слично.

Работата во Авганистан и Ирак е особено карактеристична за жителите на Куманово и околните села, од каде, според некои неофицијални информации, во просек годишно на печалба заминуваат околу 5.000 граѓани. Уште поинтересно е тоа што се повеќе се зголемува бројот на жени, кои се одлучуваат да заминат во високоризични постконфликтни земји, како што се Авганистан и Ирак, независно дали е тоа заради желбата за брза заработувачка или последна шанса за обезбедување било каква егзистенција.

Голем интерес има и за нафтените платформи, иако и таму ризикот по животот и здравјето на работниците е многу висок. Причина за тоа е можноста да се заработат дури и до 10.000 долари месечно, што, споредено со просечните 370 долари во Македонија, е 27 пати повеќе.

Не е за занемарување и бројот на луѓето што ја напуштаат државата преку програми за иселенички визи за Австралија, Канада, познатата Лотарија за Зелена карта за САД, повикот на Чешката Република за квалификувани работници од Македонија..!

НАЈМНОГУ МАКЕДОНЦИ ИМА ВО АВСТРАЛИЈА

Според податоците од државните бироа за статистика од земјите што се посочени како најинтересни дестинации на емигрантите од Македонија, најмногу не има во Австралија, каде на последниот попис од 2006 година се регистрирани 83.983 луѓе што се изјасниле како Македонци, по потекло или со државјанство. Следува Италија со 78.090 емигранти од Македонија, Германија со 62.295, Швајцарија 60.141, Србија 25.847, Австрија 16.567…

Вкупно, само во десетте земји посочени од Светската банка како најинтересни, има околу 450.000 луѓе со потекло или со државјанство на Македонија!

Поврзани новости