Триесет и осум повредени полицајци, од кои шест посериозно, еден повреден цивил, 30 приведени демонстранти меѓу кои и двајца малолетници и голема материјална штета, е билансот од синоќешните протести пред Владата, информира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на денешната прес-конференција.
За време на протестот уништени биле седум полициски возила и друга опрема, искршени се прозорците на Радио Слободна Македонија, а било симнато и македонското знаме од јарболите пред Владата.
Министерката Јанкулоска потврди дека специјалци упаднале во читалната на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и дека привеле едно лице. Меѓутоа, според министерката, мерките на полицијата биле легитимни.
Полицијата, како што посочи Јанкулоска, ја разбила толпата во три правци, а дел од нив се обиделе да се скријат во приватни објекти. Според неа, вчерашниот протест претставува вандалски напад врз полицијата.