Порастот на просечните плати од 10 отсто во текот на овие две години и вработувањето на 54.000 луѓе за две години треба да го почувствуваат и пензинерите и сите во администрацијата, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Според него, токму порастот на просечните плати и зголемувањето на бројот на вработени во изминатите две години е причина за најавеното покачување на пензиите и за зголемувањето на платите за пет отсто во јавниот сектор, почнувајќи со септемвриската плата.
-Факт е дека во државата се вработија 54 илјади луѓе за две години, а факт е и дека нето платите во текот на две години пораснаа за 10 отсто. Тоа е практично извор на средства, бидејќи сите тие 10 отсто плус плати просечни тие даваат плус 10 отсто средства во Пензискиот фонд. Исто така, овие 54 илјади нововработени со своите придонеси даваат плус средства во фондот. Цениме дека и пензионерите треба да го почувствуваат тој благодат од тоа што се случува во општеството. Се разбира, дека тој сооднос треба да го почувствуваат и пензионерите и сите останати во администрацијата за кои се обидуваме и нивните плати да ги направиме подостојни, рече Анѓушев во одговор на прашање пред почетокот на свеченоста за одбележувањето на патронот празник на средното електро-техничко училиште „Михајло Пупин“ и пуштањето во употреба на фотоволтаична електрана во училиштето.