Спокој во неспoкoj

by lali

Кога умира човек, ние како да оживуваме за миг. Разбираме дека животот на секој човек, близок, мил, обичен или необичен, херој или идол, сепак, секогаш има крај. Миговите на тоа сознание се кратки, остри и болни, како шлаканица. Но, дали тие мигови се доволни да нѐ натераат да си ги земеме судбините во свои раце? Колку и дали ќе нѐ здоболи, расплаче, отрезни и освести една болка поради нечија загуба, зависи и од нашата телесна и духовна градба, од генот наследен од родителите или она што сме го научиле од нив.

Но, дали навистина во нашата ДНК стои запис за будење на длабоки чувства или челична одбрана од нив? Дали ќе бидеме само сунѓери во морето живот, или карпи од кои ќе се кршат животните бранови? Има многу работи што можеме да ги научиме и коригираме. Ама, поправка на генетскиот запис е невозможна. Тој е нашиот жиг, бренд, што нѐ одредува по карактер и ни ги трасира животните патишта.

ГРЕШКА ВО ГЕНЕТСКАТА ТРАГА

Современите истражувања велат дека во првите три години човечкиот „штоф“ е веќе исткаен. Она што „сматиле“ родителите при зачнувањето на плодот е посилно, изгледа, од сето воспитување и образование што следува потоа. Тие, изгледа, не можат драстично да го сменат судбински наследениот генетски код. И ние самите, како родители, забележуваме дека има предодреденост кај децата, која е видлива уште од раѓање. Како нешто што нѐ следи и демне и понекогаш нѐ остава немоќни. Колку и да се трудиме да ги туркаме на прав пат (избран од нас), да ги исправаме, да ги укоруваме, да ги подучуваме, тие ќе си ја пеат својата песна. Тие, пред сѐ, се она што сме им го дале ние како генетско наследство.

Да, тие можат да стекнат нови навики, да се храбрат и поттикнуваат, но од суштината во нивната ДНК − нема бегање. И кога нешто не ни се допаѓа кај нив, грешката е во нашата генетска трага, оставена во наследство. Тоа го потврдуваат примерите на близнаци растени под различни околности, кои, сепак, завршуваат исто. Секако, и околината е важна, но изгледа дека таа не може да ја промени генетиката. И затоа, драги родители, оставете ги децата малку да здивнат меѓу музичко, англиски, пливање и домашно – тоа што нѐ имаат нас за родители – им е среќа или несреќа!

Многумина се обидуваат да излезат од оваа наша темна реалност, да се изолираат и да влезат во друга димензија на спокој и мир. Има луѓе што одлично го прават тоа, но и такви на кои тоа им е невозможно. Постојат едно чудо учења/курсеви/вежби за барање и постигнување спокој и мир, состојба што ќе нѐ направи слободни и среќни, што ќе ни отвори нови животни шанси и димензии, спасувајќи нѐ од товарот на реалноста.

Јас, пак, со годините, сѐ повеќе се товарам со неа. Дури и активно се обидувам да влијаам врз неа, зашто сметам дека токму сегашната реалност бара од нас, како никогаш досега, наше целосно вклучување. Зашто ние сме таа реалност што ја живееме. А, впрочем, што е тоа во нас што би сакале да го сочуваме недопрено од неа? Тој неизвалкан и суверен дел од нас би се претворил во себичност, саможивост и страв, ако го чуваме само за себе. Затоа треба секогаш да се трудиме да го споделуваме.

ДА СИ ГИ ИЗБЕРЕМЕ РОДИТЕЛИТЕ

И нашата реакција на оваа реалност е, значи, онаа кројка што ја носиме од раѓање. И потребата индивидуално да се инволвираме, активно да влијаеме врз она што ни се случува за да го менуваме светот на подобро, како должност. Како да го „поштедам“ својот душевен мир и спокој и да ја затворам вратата за светот околу мене, ако јас сум нераскинлив дел од него!? Па, мојот душевен мир е токму мојата инволвираност во опкружувањето.

А, уметникот не може да опстои во изолиран и хармоничен душевен спокој ако сака да создава. Зашто, ете, и длабоките емоции и емпатијата се наши дарби. Тие се наши наследени предиспозиции што ќе излезат кога-тогаш и кај нас и кај нашите деца зашто се во нашата ДНК. Алал да им е на луѓето што можат одлично да го контролираат тоа. Зашто изгледа и тие во својата ДНК веќе имаат код за себесовладување и рационалност.

Понекогаш се чувствувам како факир. Како да седам на клинци долго и упорно, иако ме мами мека постела. Нешто однатре ме тера да не бидам комфорна и себична во својот душевен спокој. Да бидам искрена – јас не се мачам. Мојот неспокој ми ги зголемува границите на издржливост и ме држи будна. Тоа е мојот спокој. Понекогаш мислам дека светот ќе си оди по патеката по која кинисал и без курсеви, тренинзи и техники за спокој и мир. А, на неродените деца им останува само мудро да си ги изберат своите родители!

Поврзани новости