Специјалната обвинителка Катица Јанева заедно со дел од тим од денеска почнува увид во доказите за предметот „Пуч“ . Јанева најави дека ќе се евидентираат пишаните докази, аудио-визуелни докази како и сите останати списи од предметот.
Рочиште за предметот кое требаше да се одржи на 14. јануари се одложи на барање на Јанева за 2 март. Јанева посочи дека бидејќи судот не им ги доставува доказите, треба да им обезбеди просторија и пет работни дена временски рок, во кој сите обвинители на Специјалното јавно обвинителство ќе можат да дојдат во судот и ќе можат да направат увид.
-Баравме одложување, затоа што имаме тимска одлука дека цела недела бараме од судот простор цел тим да ги анализира доказите во Пуч и потоа ќе одлучиме како ќе настапуваме и кон обвинител ќе го застапува случајот. Во однос на доказите не ни дозволуваат да ги земеме, доаѓаме тука да ги погледнеме во Кривичниот суд, сметаме дека тоа е нова пракса на судот, бидејќи порано ни ги доставувале предметите во нашите матични обвинителства. Тие докази јавното обвинителство ги достави до судот и логично е тие докази согласно новиот Закон за кривична постапка треба да бидат кај нас. Затоа наше барање е доказите да ни ги достават, но бидејќи судот тоа не ни го дозволува ние го почитуваме судот и ќе дојдеме тука на увид, рече Јанева минатиот месец.
Во предметот „Пуч“ за шпионажа и насилство врз највисоки државни органи обвинети се лидерот на опозицијата Зоран Заев, контраразузнавачот Зоран Верушевски и неговата сопруга Соња Верушевска, порaнешниот вработен во тајната полиција Ѓорѓи Лазаревски, Звонко Костовски – вработен во МВР, како и Бранко Палифров вработен во општина Струмица.
Она што е можно е дека списокот обвинети во досието „Пуч“ може да се зголеми. Иако е непознато како се спроведува истрагата очекувано е дека и други лица може да бидат повикани на одговорност. Ако се знае дека Лазаревски и Костовски биле дел од безбедносните структури и учествувале во прислушувањето и ширењето на материјалите, тогаш зошто да не одговараат и нивните претпоставени, оти логиката е дека опремата во МВР не може да прислушува, а за тоа да не знаат главните.