За справување со хакерските напади како еден од клучните современи безбедносни предизвици многу е важна превенцијата, односно превентивните мерки што се преземаат од страна на институциите за заштита на електронските податоци, а поради разорноста на последиците од ваквите напади, тоа треба да биде главен приоритет на раководителите на институциите, смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-Да се преземаат мерки во однос на хакерските напади. Сите тие хакерски напади се пријавени и се врши истрага во овој дел. Меѓутоа многу е важно сите институции да преземаме предвремени мерки за заштита на електронските податоци и на електронските системи затоа што најевтино е токму вложувањето во превенцијата. Се друго е многу потешко понатаму кога ќе ни се случуваат. Иако ова е нешто што преставува еден сериозен предизвик. Вие знаете дека јас често говорам за предизвиците кои што ќе не следат со годините. Покрај миграцијата, еден од клучните предизвици ќе биде и тероризмот, а хакерските напади се токму дел од тие терористички напади кои што се прават, вели министерот Спасовски на новинарско прашање по одбележувањето на 18 февруари, Денот на Одделот за заштита на определени личности и објекти при Бирото за јавна безбедност во МВР.