Има протоколи и начин на кој се комуницира во однос на секој носител на државна и јавна функција во Република Северна Македонија. Треба да се следат тие протоколи. Ова го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по посетата на Центарот за обука во Идризово каде што во тек е селекцијата за нови полициски службеници, одговарајќи на новинарско прашање за надлежностите на МВР во случајот со руските пранкери и телефонските разговори на премиерот Зоран Заев.
Посочувајќи дека такви ситуации се случиле не само во Македонија туку и во други држави, Спасовски потенцира дека тоа не е нешто што е по директна контрола на МВР, туку е работа на секој од кабинетите во Владата, начинот на комуникациите и тн.
-Во тој однос потребна е малку поголема будност во следењето на препораките и протоколите со што можат да се средат сите овие работи, изјави министерот Спасовски.
На новинарско прашање дали се следеле безбедносните протоколи бидејќи за тоа се разговарало и на владина седница, Спасовски информира дека нема таква информација и оти не бил присутен на последната седница на Владата и ги чека заклучоците.