Техничкиот премиер, Оливер Спасовски вели дека засега не може да каже кога би можело да се вратат децата во градинките и училиштата и вели дека тој дел ќе се анализира и ќе се носат одлуки по првомајските празници.
– Овие мерки ги носиме врз основа на анализите на Комисијата за заразни болести која ги следи препораките на Светската здравствена организација и врз основа на она што се случува. Имаме намалување на заразени, рапидно зголемување на бројот на оздравени. Мерките се засилуваат, преку ваквото разлабавување, уште повеќе да се зголеми претпазливоста и јавната свест. Сметам дека граѓаните покажаа дека јавната свест е на повисоко ниво. Овие мерки дадоа резултати, ние носевме одлуки кои не се популарни и не се посакувани. Денеска сметаме дека тие мерки дадоа резултати. Мислам дека стручноста треба да се почитува во носењето на политичките одлуки. Очекувам дека цела оваа ситуација се повеќе ќе се релаксира и ќе се враќа животот во нормала, рече Спасовски.
Тој вели дека веќе се почнати анализите за овие прашања во образованиот процес, но не сака да прејудицира бидејќи тоа ќе зависи од состојбата со епидемијата.