Министерството за внатрешни работи разгледува, анализира и обезбедува докази и информации за нови аспекти кои произлегуваат од истрагата за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски за кој осомничени се пет лица, меѓу кои првоосомничен е Љупчо Палевски – Палчо. Ова меѓудругото денеска во гостување во емисијата „Слободен печат“ го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој рече дека МВР и понатаму постапува поради тоа што „произлегуваат нови аспекти кои ќе мора да бидат разгледани, анализирани и да се обезбедуваат докази и информации“.
– Максимално посветено ќе постапуваме за се што Јавното Обвинителство ќе побара од нас. Во двата случаи се почнати и водени истраги според сите стандардни оперативни процедури од моментот на пријавата, па се до целосно расчистување. Морам да кажам дека полицијата ефикасно, многу брзо и посветено работеше на целиот овој случај. Сметам дека сите активности што се преземени се за почит. Сите што беа вклучени во истрагата од самиот почеток па до ден денеска, ја водат истата без штедење со цел да се разоткрие случајот и да се дознае вистината – рече Спасовски.