Во врска со телеграмата на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Чавков доставена до сите организациски единици во Министерството за внатрешни работи, ве известувам дека согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа (член 47 став 1), со работата на министерството раководи министерот, додека правата и обврските на дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи се уредени со измените на Законот за Владата на Република Македонија од 2015 година, според кои дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа и ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите, се вели во најновиот допис од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упатено до сите полициски станици и вработени во МВР.
„Уште еднаш ве известувам и ви укажувам дека согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за внатрешни работи, министерот е функционерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи поради што наредувам од ваша страна да не се преземаат никакви конкретни и поединечни дејствија, а уште помалку постапување по телеграмата Бр.08.1-472 од 19.04.2016 година на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Чавков“, напиша Спасовски.