Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во вечерашното гостување на телевизија Телма рече дека протестите пред домовите на одредени функионери на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година и оние кои сега се случуваат пред домовите на пратениците на СДСМ се различни.
-Демократијата е право на протест и никој нема поинков став од тоа. Дали треба тоа да биде пред домовите на пратениците, тоа е веќе прашање што треба да се дебатира. Протестирање пред домовите, создавањето на несигурност кај било кого при протестирањето, предизвикува страв, загрозеност. Тоа се прави пред нивните соседи и тоа не е демократски и преземаме соодветни мерки. Полицијата е должна да ги штити сите граѓани, па така и пратениците. И при протестите во 2016 година кога бев технички министер полицијата постапувала исто. Полицијата преземала сериозни мерки за обезбедување на домот на Груевски. Разликата е што сега има насилство и се извикуваат пароли со кои се повикува на линч и убиства. Тоа е различно од 2016 година, рече Спасовски.