Оневозможен сум од страна на Владата да раководам со Министерството за внатрешни работи, во овие исклучително тешки моменти за државата, па според тоа и да одговарам за последиците од ваквиот свесно креиран хаос во министерството, соопшти Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
“Владата, за мене од неразјаснети причини, не ја испочитува мојата јасно изразена воља преку оставката која ја поднесов на 6.04.2016 година од функцијата министер за внатрешни работи и истата не ја достави до Собранието. Владата на два пати ги поништи Решенијата и Правилниците донесени од моја страна. Со тоа органот кој треба да биде чуварот на Уставот и законите во Република Македонија, со своите незаконски одлуки тотално го дерогираше правниот систем и направи целосен хаос во функционирањето на министертвото за внатрешни работи”, вели Спасовски во соопштението.
Тој истакна дека и покрај неговите укажувања, предупредувања и наредби доставени до директорите на органите во состав на Министертвото за внатрешни работи и сите вработени во министерството да ги почитуваат законите и хиерархијата во министерството, Владата со последната Одлука донесена во ноќта пред распуштањето на Парламентот, го зададе завршниот удар на правниот систем на Република Македонија и на нормалното функционирање на МВР.
“Владата му забрани министерот за внатрешни работи да потпишува документи, а со тоа и да раководи со органот. Не постои држава во светот каде што е позната ваква небулозна наредба издадена од највисокиот извршен орган на земјата. Освен што ми забрани да ги извршувам своите со Закон утврдени надлежности, Владата ги поттикна останатите функционери во министерството да ги спроведат нејзините незаконски одлуки и да вршат кривични дела, за кои ќе одговараат”, вели Спасовски.