Премиерот Оливер Спасовски упати телеграма со сочувство до семејството на Благоја Георгиевски Буштур, кој синоќа го загуби животот во сообраќајна несреќа.
– Со загубата на великанот на македонската и на некогашната југословенска кошарка, останува голема празнина зашто замина спортист и личност која беше пример и инспирација за младите спортисти и за развојот на спортот во нашата земја“, пишува до семејството Георгиевски премиерот Спасовски.
Претседателот на Владата истакнува дека ништо нема да може да го надомести неговото отсуство, но ќе останат големите европски, светски и олимписки највисоки признанија со кои Благоја Георгиевски Буштур беше наградуван за врвните остварувања во кошарката. Благоја Георгиевски Буштур со своето ентузијастичко учество даде огромен придонес и во работата на Македонската кошаркарска федерација и Македонскиот олимписки комитет.