Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека судот од за него непознати причини пушта транснационални криминалци кои имаат јаки бизнис и меѓународни врски и кои можат сериозно да го нарушат водењето на истрагите.
„Имаме случаи кога интензивно ќе работиме на сузбивање на одредена криминална група, при тоа ќе се завршат сите постапки, ќе се приведат овие лица и на крајот некој во судот ќе одлучи, заради не знам кои причини, да бидат пуштени без притвор. Овде не говорам за криминалци од помал обем туку за транснационални криминалци, криминалци како дел од владејачките структури кои биле во Македонија или се и сега, криминалци кои имаат јаки бизнис врски и меѓународни врски и кои можат сериозно да го нарушат водењето на таквите истраги“, кажа Спасовски на Националната конвенција, која беше насловена како „Следејќи го патот на парите – зајакнување на механизми за финансиски истраги“ на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.