Единствено што сметам дека е исправно е тоа да се одбие барањето за азил и Никола Груевски да биде екстрадиран во Македонија и да ја извршува казната. Тоа е принцип за кој сите ние се залагаме и тоа се европски принципи за кои секојдневно разговараме и во Република Македонија. Ова вечерва го истакна вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Посочи дека не само што е чудно, туку е и жално, држава-членка на Европската унија да биде место во кое дошол поранешен премиер на Република Македонија, кој е осуден поради криминал.
– Недозволиво е една земја-членка на ЕУ да дава поддршка на вакви лица. Никола Груевски нема апсолутно никаква друга закана која е политичка или закана по неговиот живот од политички аспект за тој да бара азил. Досега во ниту еден момент ниту Никола Груевски, ниту членовите на неговото обезбедување немаат пријавено во МВР дека некој им се заканува, рече Спасовски.
Тој најостро ги демантираше сите зборувања во јавноста дека постои каков било договор со ВМРО-ДПМНЕ, односно со Никола Груевски и другите кои се дел од тие постапки.