Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска ги демантираше заклучоците на Државната комисија за спречување корупција и рече дека сите распоредувања извршени во МВР, а кои се потпишани од него, се направени во согласност со измените на Законот за Влада и пред донесувањето на одлуката за распишување на предвремените парламентарни избори.
Тој тврди дека не го надминал бројот на распоредувања на пониска или на повисока позиција што му се дозволени на министерот за внатрешни работи согласно со член 44 став 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Влада на РМ и дека нив ги потпишал пред денот на донесување на одлуката за распишување на изборите. Но, заради нормално и тековно функционирање на МВР и поради недостиг на работници во одредени организациски единици во МВР, донел наредби со кои некои работници се задолжуваат да извршуваат задачи на конкретни работни места каде што има недостиг од полициски кадар за ограничен период од 30 дена. Но, тие наредби, според него, не се решенија за распоредување.
„Тоа е законско право на министерот, кое е регулирано со Законот за внатрешни работи. Такви наредби кај мене пристигнуваат секојдневно и тие се донесуваат за министерството да може нормално да функционира и да не биде доведена во прашање безбедноста на државата и на граѓаните“, рече Спасовски, покажувајќи ги, како што рече, наредбите што денеска стигнале за потпис, а се однесуваат на пополнување работни места за полициски службеници во Гевгелија и во Табановце.
Жално е што Државната комисија за спречување корупција, рече Спасовски, уште еднаш покажува дека не презема ништо за спречување на корупцијата и дека е „само инсталација на партијата на власт“.
„Државната комисија за спречување корупција не поведува постапки за корупцијата во државните органи и против државни функционери, иако имавме можност да слушнеме какви сè дејства имало во нив. Уште еднаш се покажува дека во време на избори, антикорупциската комисија е инсталација на партијата на власт, која има цел да ја манипулира јавноста, а станува збор за институција која е финансирана од граѓаните на Македонија“, додаде тој.