Премиерот Оливер Спасовски денеска оствари телефонски разговор со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој овие денови разговара со сите учесници на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Загреб, кој требаше да се одржи на 7-ми мај.
„Премиерите Спасовски и Пленковиќ разговараа за ситуацијата во двете држави во врска со справувањето со пандемијата на вирусот КОВИД-19. Беа разменети информации и искуства за справувањето со здравствената криза и со економските последици од неа. Двајцата премиери искажаа подготвеност за меѓусебна поддршка за спроведување на досегашните мерки и потенцираа дека само со заеднички напори, меѓусебна помош и европска солидарност на дело може да надминат актуелните предизвици“, соопштија од владата.
Според владиното соопштение, премиерот Спасовски истакнал дека со оптимизам се очекуваат најавите за план за економски развој и заедничко надминување на последиците од пандемијата.
„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски во разговорот со хрватскиот премиер се заблагодари за долгогодишната поддршка која нашата земја ја добива од Хрватска и нагласи дека нашата земја останува посветена на регионалната соработка и ќе биде силен партнер на Хрватска, како претседавач на Советот на ЕУ, во справувањето со пандемијата и во сите други заеднички предизвици, како и во плановите за развој и соработка“, соопштија од владата.