Откако десет години ја уништуваа домашната економија, носителите од ВМРО-ДПМНЕ, во очи на изборите нудат наводна помош за малите и средни претпријатија. Откако со години го уништуваше и образованието и здравството, денес Никола Тодоров ветува дури 70.000 нови вработувања, истакна Оливер Спасовски, носител на втората изборна единица.
– Сите таканаречени проекти на Тодоров и ВМРО-ДПМНЕ во овие десет години значеа само уништување на секој сегмент на живеењето, а особено на економијата. Токму поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ денес во Македонија илјадници фирми се со блокирани сметки, а уште толку се пред затворање.
Тој додаде дека наместо пропаднати проекти, СДСМ преку Планот за живот во Македонија нуди вистинска и суштинска помош за малите и средни претпријатија.
– Домашните претпријатија се моторот на целокупната економија и затоа се обврзуваме на државна помош во висина од 140 милиони евра наменети за малите и средни претпријатија. Најдобрите бизнис идеји ќе ги поддржиме со 10 000 евра неповратни средства, а ќе овозможиме отворање на фирма со основачки капитал од само едно евро. За да ги поддржиме фирмите во зародиш ќе отвориме старт ап центри каде што новите фирми ќе користат бесплатен простор и бесплатни комунални, правни и сметководствени услуги – тврди Спасовски.