Има сериозна истрага во сите институции и до детали ќе се провери која била намената на оваа инсталација од минатото, дали и кој ги слушал разговорите во правосудството, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција во однос на скандалот со снимањето во Јавното обвинителство.
Посочи дека опремата била инсталирана во 2013 година и оти информацијата ја добиле пролетта преку свои внатрешни извори, по што веднаш ги информирале Јавниот обвинител и претседателот на Основниот суд Скопје 1.
– Ќе се открие кој ја нарачал опремата, кој ја купил, кој ја инсталирал и кој ја користел и секој кој што ги пречекорил овластувањата ќе одговара пред правдата. И ова ќе важи за секоја институција. Следува темелна проверка во секоја од институциите. Времето на снимање и прислушување заврши. Остатоците од режимот на Груевски ќе бидат отстранети од сите пори на институциите. За овој скандал ќе има одговорност, потенцираше Спасовски.
Спасовски побара раководството на ВМРО-ДПМНЕ да одговори за нивните дејствија во времето кога оваа опрема била инсталирана.
– Мицкоски треба да одговори за неговата улога во власта кога бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Штетата што ја направи криминалното ВМРО-ДПМНЕ остави силни последици кои не можат да се отстранат преку ноќ. Свесни сме за грижата и критиката на граѓаните дека од режимот на Груевски сеуште има остатоци низ општеството и институциите. Ве уверувам, силно сме посветени на деинсталирање на груевизмот. Ние досега имавме само година и пол за справување со оваа децениска катастрофа која и се случи на Македонија. Секој нов откриен случај од криминалното владеење на режимот ни дава дополнителен мотив да продолжиме уште посилно во борбата против корупцијата и во борбата за владеење на правото, рече Спасовски.
Прашан зошто две години, колку што е на функцијата, МВР не ги проверилo институциите, Спасовски рече дека ЈОРМ и Судството се независна власт и тие немаат можност тоа да го прават самостојно, но веднаш по добивањето на сознанијата за можни злоупотреби беа информирани и веќе е отворена постапка во која се прибираат докази.