Спасовски: Одлучната и неселективна борба против организираниот криминал и корупција е наш стратешки приоритет

by Fokus

-Стратешката определба на Владата на Република Северна Македонија е интеграцијата на државата во Европската Унија, која пак не би можела да се замисли без основното начело – Владеење на правото.  Владеењето на правото е една од заедничките вредности за сите земји-членки. Почитувањето на владеењето на правото е од суштинско значење за да се обезбеди еднаквост пред законот и граѓаните и деловните субјекти да имаат доверба во јавните институции, озјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во своето обраќање на официјалниот настан пред отпочнувањето на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од ЕУ.

Тој додаде дека Владата на Република Северна Македонија вложува максимални напори за непречено владеење на правото како основно право за своите граѓани.

-Земјите од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија продолжуваат да се соочуваат со големи предизвици поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал, прашања кои се од клучно значење за функционална демократија и економија и во голема мера го условуваат процесот на пристапување во ЕУ. Оттаму, одлучната и неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата е приоритет на секоја држава. Тоа е и наш стратешки приоритет, при што фокусот на нашите активности е насочен кон превенција, спречување и борба со сите облици на организиран криминал, согласно највисоките стандарди на полициското работење, изјави  Спасовски.

Овој проект се имплементира од Институтот за фундаментални и човекови права Лудвиг Болцман, хрватското Министерство за правда и јавна администрација, словенечкото Министерство за внатрешни работи и Центарот за меѓународна правна соработка.

-Исклучителна е важноста на овој проект, кој го вбројуваме меѓу најважните проекти кои што се спроведуваат во Република Северна Македонија. Оттаму, очекувам проектот преку мулти-агенцискиот пристап според кој е конципиран конечно да ги обедини институциите во своето делување, а на тој начин да обезбеди заедничко исполнување на проектните цели- поставување на силни правни основи за транспарентни, одговорни и ефикасни демократски институции, способни ефикасно да се справат со заканите од организираниот криминал, компјутерскиот криминал, корупцијата и сите други актуелни закани, истакна Спасосвски.

 

 

Поврзани новости