Нема застој во издавањето лични документи. Пасоши и лични карти се издаваат, но е зголемен обемот на побарувачката поради ковид-кризата, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Вели дека нема да се издаваат документи само до понеделник поради трансфер на податоци во новиот систем на МВР, по што уверува дека постапките ќе течат нормално.
„Лични документи се издаваат и сега, едноставно имаше зголемен обем на побарувачка поради ковид-кризата, многу од луѓето не виделе дека им истекува рокот на важноста на личните докуемнти. Имаме најава дека од денеска од 21 часот ќе имаме миграција на податоци во новиот систем за издавање документи, тоа е процедура којашто мораме да ја завршиме, бидејќи на тоа не обврзуваат и законите и Уставот и веќе од понеделник повторно започнуваме со нормално функционирање. Застојот ќе биде во четврток, петок и викендов“, вели Спасовски.
Спасовски потсети дека со законски измени се овозможи продолжување на важноста на патните исправи до крајот на годината.
„Апелирам на трпение од граѓаните, ние затоа го променивме и законот, од 1 јули ќе можат сите оние кои им истекле личните документи ќе продолжат да важат до крајот на годината и секој од нас како што ги добиваме термините да можеме да извадиме нови патни исправи. Значи, во моментов нема застој, а застојот од вечерва ќе биде поради трансферот на податоци“, вели Спасовски.