Најголем проблем со корупцијата е што никој не сака да ја пријави, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната средба на владини претставници со граѓанскиот сектор на тема „Борба против корупцијата“.
Спасовски апелираше до граѓаните да пријавуваат корупција и неодговорно однесување од страна на функционерите. Само на тој начин, рече тој, ќе се намали стапката.
-Неколку луѓе го загрозуваат кредибилитетот на институцијата, први доаѓаат да ви кажат дека се чесни и одговорни, а таквите луѓе не кажуваат дека се чесни и одговорни. Интегритетот е клучна работа во борба против корупцијата – рече Спасовски.
Според него власта мора да врши репресија за луѓето да ги почитуваат законите.
-Оваа држава мора да воспостави контрола. Репресијата мора да биде константна и да правиме законски решенија кои ќе бидат ефикасни – рече тој.
Министерот за внатрешни работи, Венко Филипче, рече дека во некои случаи корупцијата значи разлика меѓу животот и смртта. Здравството, рече тој, е најранливо во овој дел. Според едно истражување, рече Филипче, една четвртина од граѓаните учествувале во чин на поткуп.
Министерството за култура е препознатливо како една од најкорумпираните институции благодарение на претходната власт, рече новиот министер, Асаф Адеми. Во случајот со проектот „Скопје 2014“, рече тој, се заобиколувале закони и се вршеле притисоци врз институции и поединци за проектот да биде реализиран.
Заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, рече дека до крајот на јули ќе биде завршен новиот закон кој ќе ја регулира работата на Антикорупциска комисија. На овој закон интензивно, рече тој, работат претставници од Владата и од невладиниот сектор. Откако ќе биде објавен во драфт верзија, законот ќе биде објавен за консултации и сугестии.
-Ќе добиеме модел на антикорупциска комисија каква што имаат сите земји од Западна Европа. Апелирам до сите лица да укажат на корупција слободно без да се грижат за својата безбедност – рече Ристовски посочувајќи дека Законот за укажувачи ги штити свиркачите.
Миша Поповиќ од невладината организација „Социетас Цивилис“ рече дека Владата мора да направи проценка на ризици од корупција, односно кои министерства и институции се најподложни на тоа. Според некои податоци, рече тој, тоа се МВР, Министерството за труд и социјала, Министерството за образование и Министерството за здравство, односно оние институции кои располагаат со средства кои се насочуваат кон приватни лица.
Од невладината „Зелена лупа“, пак, предлагаат нов закон за конфискација на имот. Конфискацијата на имот, рече претставникот од здружението, во Македонија е на ниско ниво поради слабото функционирање на системот и поради немањето јасна процедура и методологија.
Од оваа организација бараат согласно овие предлози да се формира комисија која ќе управува со одземен имот во корист на државата, во случаи на правосилни пресуди. Трошоците, според,ж нив, што државата ќе треба да ги одвои ќе бидат 70.000 евра, а при тоа приходите од конфискација би се движеле помеѓу 5 и 50 милиони евра.
Активистите од МОФ побараа поефикасен систем за борба против корупцијата во студентските домови.