-Во оваа прилика би сакал да ја изразам подготвеноста на Република Северна Македонија по трет пат да биде домаќин на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан, којшто годинава се одржува на 26-27 октомври, во Скопје во согласност со програмата и приоритетите на ротирачкото Претседателство на Кралството Шпанија со Советот на ЕУ, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на средбата министерот за внатрешни работи на Кралството Шпанија, Фернандо Гранде-Марласка Гомез.
Двајцата мнистри за внатрешни работи на Македонија и Шпанија се состанаа по Конферемцијата која се оддржа во рамки на берлинскиот процес, кој се оддржува во Тирана во Албанија.
Од МВР соопштија дека на средбата двајцата министри ги потврдија традиционално добрите пријателски односи, а фокусот на разговорите бил на организирање на претстојниот Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан кој во октомври се одржува во Скопје.
-Со овој настан организиран на високо ниво ќе се реафирмира заедничката посветеност на европските перспективи на целиот регион на Западен Балкан, како и тоа дека форумот претставува одлична можност за креирање долгорочни партнерства, за зајакнување на регионалната соработка кон ефикасно справување со предизвиците и во постигнувањето на европските стандарди, се’ до полноправо членство во ЕУ, додаде Спасовски.
Од МВР соопштија дека Спасовски го информирал Гранде-Марласка Гомез дека во јули во МВР е формиран тим за организација, за успешно реализирање на Министерскиот форум.
-Тимот во МВР ќе делува како тело што ќе одлучува за сите аспекти на организација на настанот и преку претставници на надлежните организациони единици ќе дава задолженија за секој од нив зависно од делокругот на работа и надлежноста, изјави Спасовски.
На средбата, како што соопшти МВР, Спасовски иницирал отпочнување на процедура за потпишување на билатерален договор за полициска соработка, а шпанскиот министер Гранде-Марласка Гомез го прифатил предлогот.
-На крајот од средбата, двајцата министри ја потврдија заложбата за соработка, а министерот Спасовски се заблагодари за поддршката за зајакнување на земјите од Западен Балкан, во смисла на политичка, економска и социјална интеграција на регионот, со уверување дека Република Северна Македонија стои на располагање на шпанското Претседателство со Советот на ЕУ за сите активности во наредниот период. Спасовски го покани шпанскиот колега Гранде-Марласка Гомез за посета на Северна Македонија, која со задоволство ја прифати, соопшти Министерството за внатрешни работи.