Откако само една четвртина од спорните гласачи на листата на ДИК се јавија да ги корегираат своите податоци, реагираа од СДСМ. Од партијата сметаат дека тоа што останаа уште 30 502 спорни записи е доказ дека во Избирачкиот список има фантоми.
-Се’ е потврдено. После завршувањето на рокот за пријавувањето на спорните гласачи во Р. Македонија, се потврдија сите тези на Социјалдеморкатскиот сојуз и на опозицијата, дека во Р. Македонија има фантомски гласачи, запишани гласачи во Избирачкиот список коишто се злоупотребуваа за време на изборниот процес- изјави денеска Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ.
Сепак, Спасовски признава дека Избирачкиот список нема да биде „идеално прочистен” до изборите.
-Имајќи во предвид дека и дополнителни 172 илјади избирачи се запишани на посебен извод на Избирачки список затоа што се наоѓаат надвор од земјава, се констатира дека во Македонија имаме околу 1 милион и 500-тини илјади избирачи. Тоа се, реално, избирачи коишто се во Р. Македонија и коишто можат да го искористат сопственото избирачко право тука. Ова покажува дека нема да имаме идеален Избирачки список, меѓутоа, ќе имаме далеку подобар Избирачки список од оној којшто го имавме досега – вели Спасовски.