Според првичните информации од истражните органи во Бугарија во автобусот кој изгоре ноќеска на автопатот „Струма“ вкупно имало 52 лица, од кои 45 загинаа, а седуммина се хоспитализирани на Клиниката во Софија. Од загинатите, 12 се деца, изјави вечерва на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во текот на утрешниот ден, како што кажа Спасовски прашан за возраста на загинатите, се очекува извештајот од Судската медицина во Софија и дури тогаш Владата ќе може да ги соопшти сите детали околу починатите лица и градовите од каде се тие. Спасовски потврди дека, според првичните информации со кои располагаат, во автобусот на превозникот „Беса Транс“ имало двајца возачи.
Во однос на можните причини за несреќата министерот за внатрешни работи потенцираше дека треба да се почека истражните органи кои ја вршат истрагата и кои извршија увид на лице место на настанот да дадат свој извештај.
-Мислам дека апсолутно не е добро во овие моменти од ниту еден аспект да излегуваме со какви било информации што се на ниво на шпекулации. Тоа воопшто нема да ни помогне на сите нас, туку напротив ќе наштети на истрагата, рече Спасовски.
Истрагата за автобуската несреќа, објасни тој, ја водат бугарските истражни органи и тоа е така во секоја од државите.
-Ние испративме тим кој е предводен од помошник директорот на Бирото за јавна безбедност на одделот за униформирана полиција, началникот на одделот за Крим техника и претставници од сообраќајната полиција. Исто така, напоменавме дека претставници од Јавното обвинителство и Судска медицина се таму се со цел да можат да асистираат за која било потреба за истрагата. Во рамките на МВР е формиран посебен штаб што работи целодневно исто како што работи штабот во МНР и секако дека во нашиот штаб е вклучено и политичкото аташе на Република Бугарија во РСМ. Многу е важно во овие моменти брзо да се разменуваат податоци и информации кои се во интерес на истрагата и тие податоци да бидат споделени со ЈО на Бугарија, со истражните органи. Секако дека многу важно ќе биде за брзината на идентификацијата на починатите во Судската медицина асистенцијата што ќе ја дадат нашите институции, истакна Спасовски.