Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска одржа пресконференција на која соопшти дека МВР поседува докази за 22 лица од Пустец на кои незаконски им биле издавани лични карти кои потоа биле искористени за гласање на локалните избори во 2013 година.
-МВР им издавало лични карти, иако немале документ каде живеат, односно немале решение за живеалиште. Решението за живеалиште е клучниот документ без којшто не смее да биде издадена лична карта. МВР на чело со Гордана Јанкулоска издавало и печатело незаконски лични карти со што незаконски овозможиле да гласаат лица кои немаат право да гласаат. Ова е вистината што требало да ја дознаат граѓаните и веројатно ова е стравот на власта, рече Спасовски.
Тој рече дека овие лични карти се издадени пред локалните избори и оти сите овие документи и други коишто ќе излезат ќе ги достави до Специјалното јавно обвинителство. Спасовски не можеше да каже дали овој случај е поврзан со „фабриката за лични карти“.
-Издавањето на овие лични карти е незаконско. Ова потврдува дека брутално се искористувале институциите на државата. Дека МВРО на чело со Гордана Јанкулоска незаконски издавале лични карти, изјави Спасовски.