Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат, вели дека е против предлог-законот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за амнестија на осудените лица за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
Според Спасовски, неказнивоста може да предизвика нови проблеми.
-Вие се сеќавате на 2012 година, се сеќавате на 24 декември кога практично од државата не од граѓани, туку од државата преку злоупотреба на полицијата, полициските службеници, беа исфрлени и пратеници и новинари само за да може да се донесе буџетот за задолжување и никој не презема ниту една мерка со која ќе се истражи тој случај, ќе се утврди одговорност, дали е тоа дисциплинска, кривична или политичка одговорност, ако сакате.
И тогаш укажував во Собранието дека ако остане состојбата ваква како што е и да имаме неказнивост, дека е можно да ни се случи нов таков проблем и, за жал, ни се случи на 27 април 2017 година кога беше нападнато демократското уставно уредување на Република Северна Македонија – вели Спасовски.
Во однос на забелешката дека веќе имаше амнестија за дел од учесниците во „крвавиот четврток“, тој вели:
„Има дел амнестирини за тој настан, меѓутоа оние што го извршија тоа кривично дело, оние што го направија упадот и така натаму, и оние што пробаа да убијат пратеници, имаат санкции и мислам дека не треба воопшто да биде доведена во прашање одговорноста на овие лица поради тоа што се поставува прашањето дали сакаме повторно преку амнистија да овозможиме напад на државните институции, дали тоа е парламентот или Владата, дали повторно ќе биде на овој начин пратен сигналот дека некој може да влезе во Собранието и да убие пратеници заради политички цели, за некакви лични цели“.
Запрашан околу организацијата на чествувањето на 151 годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, тој потенцираше дека во официјалниот дел на настанот сите делегации кои се пријавени ќе можат да положат цвеќе.
Тој појасни во делот околу црквата „Свети Спас”, во зоната на безбедност, односно во делот кој е обезбедуван од полициските службеници, нема да бидат дозволени никакви собирања.
-Не е возможно да се организираат собири во безбедносната зона и да се има било какви активности во моменти кога имаме зголемени тензии. Врз основа на направените безбедносни проценки, врз база на прибирање и размена на информации со безбедносните агенции, како и насоките од седницата на Советот за безбедност, ќе бидат преземени најсоодветни мерки за обезбедување на редот и мирот – порача Спасовски.