Полициски час од 21 до 06 часот наутро е најновата мерка што вечерва ја изгласа Владата по предлог на Комисијата за заразни болести, пропратено со дополнителни мерки, изјави на прес конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски.
– Граѓаните ќе можат да излезат само ако одат до болница, аптека, како и луѓето што имаат потреба од дијализа, секако и потреба од итна помош. Тие ќе можат да се движат со придружба од најмногу од две лица. Ако ги застане полиција по прегледот ќе мора да покажат медицинска документација дека биле на лекар или пак аптека, појасни Спасовски.
Тој додаде дека непречено движење ќе имаат само медицинските работници, противпожарните екипи, полицијата и армијата.
-Директорите на институциите, приватни и државни мораа да донесат одлуки за промени и реорганизација на работното време. Такси компаниите да имаат ограничен број возила за дежурства, со ограничено движење до и кон болница и аптека, со заштитни маски и ракавици, рече Спасовски.
ЕВН, БЕГ, Водовод и канализација, телекомуникациските услуги можат да се движат, но со претходна најава кај полициските служби на 192.
Според дел од мерките се забранува собирање на населението во групи од 5 лица. Објектите каде има наплата на каси да има одреден број на лица колку што има број на каси за наплата, толку корисници да бидат услжени, секако ќе повторам да се користат маски, ракавици и средства за дезинфекција. Исто така се забранува движење на јавни возила од 21 до 06 часот наутро, а меѓуградскиот превоз и ЈСП да го преполоват капацитетoт на патници и да се запази растојание 2 метри од еден до друг патник.
-Сите да се однесуваме вонредно и да бидеме на висина на задачата за да ја совладаме оваа ситуација и најригорозно да ги почитуваме мерките и заедно да излеземе многу посилни. Големо признание на медицинските работници, армијата, полицијата и да им овозможиме да ги спроведуваат понатамошните ангажмани во борбата со оваа хуманитарна криза. Да ги почитуваме мерките за да си ги спасиме најблиските, а со тоа и државата, заврши Спасовски.