Спасовски: Детектиравме криминална група од македонски државјани кои стојат зад лажните дојави за бомби

by Fokus

„Македонски државјани стојат зад лажните дојави за поставени бомби кои со месеци пристигаа на електронските адреси на основните и средните училишта во Скопје, но и во повеќе други градови во државата“.

Ова го потврди министерот Оливер Спасовски во интервју за „Слободна Европа“ и појасни дека станува збор за група меѓусебно поврзани лица кои ги закупувале „ВПН“ адресите во Иран и Русија од каде пристигаа заканите.

Тој најави дека истрагата набрзо ќе биде завршена, а осомничените ќе одговараат за тероризам.

„Навлегуваме во една група на лица кои што учествувале во праќањето на дојавите по електронски пат и користење на „ВПН“ адреси. Ние сме во позиција во која за многу скоро време целата таа група ќе биде комплетно разоткриена, ќе бидат поднесени кривични пријави за делото тероризам. Ние практично ја детектиравме таа криминална група која се занимаваше со ваквите дојави, за голем дел од дојавите за поголем временски период и за повеќе институции во кои беа дојавите“ рече Спасовски.

Околу хакерските напади на државните институции и дојавите за бомби во нив, но и во резиденцијални објекти и трговски центри, истрагата на МВР постигнала голем напредок, вели министерот.

„Истраги се водат за сите овие институции во кои имаше хибридни напади. Има сериозен напредок. Се добиваат податоци и инофрмации. Самиот факт дека дел од овие информации треба да ги добиеме преку меѓународна правна помош говори дека е потребно повеќе време во овој аспект“, објасни Спасовски.

Досега МВР успеа да открие двајца малолетници кои од своите телефони или домашните лаптопи испратија дојави за поставени бомби во училишта во Скопје.

Против двајцата се поднесени кривичени пријави за тероризам, но во првиот случај Обвинителството го преквалификуваше делото.

Поврзани новости