Денеска на сите вработени во МВР им беше исплатена за 10% зголемена плата, напиша на Фејсбук министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Во постот на Спасовски се вели дека „од 2016 досега реализиравме 5 покачувања на платата за сите вработени во МВР, и тоа во 2016, 2019, 2022 за 5%, во март 2023 линеарно зголемување во бруто износ од 3.086 ден, а согласно измените во Општиот колективен договор за јавниот сектор, со кои основната бруто плата на вработените во јавниот сектор се зголемува за 10%, сите вработени во МВР со исплатата на платата за месец септември, добија 10% зголемена плата“.
Тој нагласува дека „во 2019, за првпат од 1991, за 4.821 униформирани вработени, со зголемување за 10 и 20 на бодовите на плата само за работната позиција `полицаец`, се овозможи издвојување на основната категорија Е и Ж работна позиција помлад полицаец, полицаец и виш полицаец од останатите вработени“.
„Во 2020 година постигнавме зголемување на основна компонента на плата во висина од 20% и 30 %, во зависност од сложеноста на работа, за вработените во Одделот за информатика и телекомуникации, а во 2022, заради усогласување со Законот за минимална плата, вработените во МВР кои не се овластени добија покачување со платата за месец март и тоа за сите работни места, а истовремено ги зголемивме платите на вработените во Одделот за компјутерски криминал и дигитална форензика и во ИПА Одделението, со што се спречи одлив на вработени од овие организациски единици“ пишува меѓудругото Спасовски.