Спасовски бара отчет за 5,53 милиони евра за прославата на 35 години независност

by irena 15:39
15:39

По завршувањето на прославата по повод 35 години независност на Македонија, пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски побара детално да се објави како биле обезбедени и потрошени вкупно 5,53 милиони евра за концертите и останатите настани. Прашањата ги упати на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Според досега објавените информации, од вкупната сума околу 300 милиони денари биле обезбедени од нераспределената добивка на Државна лотарија за 2024 година, додека дополнителни околу 40 милиони денари биле обезбедени од компании.

Спасовски побара да биде објавена документацијата врз основа на која биле одобрени средствата, особено одлуката за користење на 300 милиони денари од нераспределената добивка на Државна лотарија.

Тој се повика на заклучок од 167. седница на Владата, со кој, како што посочи, на Државна лотарија ѝ било укажано да обезбеди средства и да објави јавен повик за реализација на настаните. Спасовски го отвори прашањето дали покрај овој заклучок постои и соодветна одлука за распределба на добивката.

„Кој предложил користење на добивката, кој ја утврдил намената, кој е овластен тоа да го направи, да ги видиме датумите кога е носена таа одлука?“, праша Спасовски.

Пратеникот отвори прашања и за постапката за избор на организаторот, тврдејќи дека јавниот повик траел само пет дена и дека била доставена една понуда. Тој посочи дека повикот завршил на 8 мај, а веќе на 12 мај јавноста била информирана дека светски познатиот диџеј Дејвид Гета ќе настапи во Скопје.

Спасовски побара јавно да бидат достапни понудата и целокупната документација од постапката, како и деталите за договорните и финансиските односи со „Стардаст“ и „Авалон интернешнал“.

Дополнително, тој побара одговор дали биле пресметани и платени сите даноци поврзани со организацијата на прославата и колкав бил нивниот износ. Побара да бидат објавени и имињата на компаниите кои ги обезбедиле дополнителните околу 40 милиони денари, односно повеќе од 600.000 евра.

„Кои износи ги дале? Кога се направени уплатите, кои се примателите на средствата и да ми се појасни дали ова е спонзорство или е донација“, праша Спасовски.

На неговите прашања одговори заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, кој рече дека Владата е горда на начинот на кој била одбележана 35-годишнината од независноста.

„Ако имате какво било сомневање дека има нерегуларност во финансирањето и постапката, ако ви смета нешто во тој дел, обратете се до надлежни органи, тела, поставете ги прашањата, па ќе ги добиете соодветните одговори“, рече Јанкуловски.

Тој посочи дека одлуката за одвоените средства била донесена од надлежен орган во Државна лотарија, по постапување од страна на Владата.

Спасовски, пак, го оспори ваквото образложение и побара да се соопшти дали била одржана седница на Собранието на акционери на Државна лотарија и дали на неа била донесена одлука за распределба на 300 милиони денари.

Тој се повика на одредбите од Законот за трговски друштва и посочи дека, според неговото толкување, распределбата на добивката треба да се врши со одлука на Собранието на друштвото, на предлог на Управниот одбор и во согласност со годишната сметка.

„Ако е одржано собрание на акционери во присуство на нотар и е донесена таква одлука, зошто се крие тоа од јавноста?“, праша Спасовски.

Тој побара целосно објавување на одлуките, понудите, договорите и финансиските податоци поврзани со прославата, со цел јавноста да добие увид во начинот на кој биле обезбедени и потрошени средствата.

Слични вести