Министерот за внатрешни работи, Олиевер Спасовски, информираше дека денеска е донесен посебен акт во делот на тероризмот, поради тоа што претходниот е застарен, и согласно овој акт од утре ќе се почне со нови активности. Како што рече, веќе се донесени одредени насоки за утрешниот ден.
Тој додаде дека МВР патролно веќе ги обезбедува сите училишта 24 часа, но согласно новиот акт, веднаш по дојавата за бомба ќе треба да се преземат одредени мерки, и како што рече, од тоа нема да има отстапки.
-Ова не е активност со која може да се справи само МВР. Ова е активност со која треба да се справат сите институции и затоа се формираше работен тим во рамките на Владата, во кој влегуваат институциите – Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за електронски комуникации и секој има свои активности кои треба да бидат преземени во овој дел – изјави Спасовски при посетата на полициските службеници кои се дел од сообраќајната патрола на булеварот „Босна и Херцеговина“ во Скопје, во одговор на новинарско прашање.