(АРХИВА) „Фокус“ го открива партискиот имот: Колку квадрати „тежат“ политичките партии?

by Фокус

Текстот е објавен на 11 август 2022 година во неделникот Фокус со број 1.401.

Станови, дуќани, канцеларии, ниви, пасишта – со ваков недвижен имот располагаат четири политички партии. Од сите нив, предничи ВМРО-ДПМНЕ, која се чини поседува барем по една недвижност во секоја општина во државата. Исто така, свој имот имаат уште СДСМ, ДУИ и СП. Колкава е вредноста на овие недвижности и како партиите управуваат со нив?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Неодамнешната пресуда на скопскиот Кривичен суд во рамки на предметот „Талир 2“, според која „Белата палата“ каде што е сместено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ била незаконски изградена, а партиските штабови биле купени со пари стекнати на нелегален начин, повторно го отвори прашањето за недвижниот имот што го поседуваат политичките партии.

Додека се чека повисокиот апелациски суд да пресече дали оваа првостепена пресуда ќе стане правосилна по што државата ќе почне со конфискација на недвижниот имот на опозициската партија, „Фокус“ откри дека одредени политички партии во меѓувреме го зголемиле недвижниот имот. Имено, таков е случајот со ДУИ, која неодамна купила зграда во строгиот центар на Тетово.

По тој повод, побараме податоци согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и извршивме проверки во однос на моменталната имотна состојба на поголемите релевантни политички партии. Па, сознанијата до кои дојдовме говорат дека недвижен имот поседуваат уште две партии – СДСМ и Социјалистичката партија.

За разлика од имотот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои купуваа недвижности, СДСМ и СП речиси цел имот го добија во наследство, откако се прогласија за правни следбеници Сојузот на комунистите на Македонија, односно на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ. Денес, тие поседуваат објекти во Скопје и во други градови.

Во однос на прашањето како овие политички субјекти располагаат со својот имот, одговори побаравме во нивните годишни сметки, кои откриваат и дека дел од партискиот имот се издава под закуп. Како што може да се заклучи од овие финансиски извештаи, ланската вредност на пасиштата, земјиштето и објектите во партиска сопственост пораснала во споредба со претходната година.

ИМОТ ВО СЕКОЕ СЕЛО И ГРАД

Според податоците што ни ги доставија од Катастарот на недвижности, имотот што моментално го поседува ВМРО-ДПМНЕ е претставен преку точно 100 имотни листови. Станува збор за недвижности распослани во речиси сите општини низ земјава, со тоа што дел од имотот е во урбани средини, додека дел е во рурални подрачја.

Така, опозициската партија поседува сопствен недвижен имот и во селски населби како гевгелиско Стојаково, кочанско Оризари, штипско Таринци, струмички Куклиш, дебарски Мал Папрадник, прилепско Ропотово, како и скопските Градовци и Мирковци.

Воедно, партијата располага со имот и во поголеми рурални средини, кои во најголем дел имаат и статус на посебни општини: Пласница, Зрновци, Нагоричане, Облешево, Ранковце, Градско, Лозово, Василево, Ново Село, Босилово, Могила, Новаци, Вевчани, Јегуновце, Брвеница, Сопиште, Петровец, Илинден…

Во секој случај, најголем дел од партискиот имот е расфрлан низ урбаните градски средини, така што партијата може да се пофали дека има свои објекти во Куманово, Штип, Велес, Битола, Тетово, Струга, Кичево, Кавадарци, Гевгелија, Пробиштип, Неготино, Виница, Берово, Кратово, Демир Капија, Крива Паланка…

Притоа, во сите споменати градови, партијата има имот што е претставен преку еден имотен лист, додека во неколку градски и катастарски општини поседува и имот опфатен преку повеќе имотни листови. Такви се случаите со Охрид (2), Гостивар (2), Пехчево (2), Кочани (3), Делчево (3)…

НОВОИЗГРАДЕНИ СТАНБЕНИ ЗГРАДИ

Сосема очекувано, најголем имот партијата има во главниот град Скопје, каде што вредноста на недвижностите е најголема. Во таа насока, партијата поседува имот регистриран на 28 имотни листови во главниот град. На пример, во катастарската општина Центар 1, која го опфаќа строгиот центар на Скопје, партијата поседува имот преку 7 имотни листови.

Покрај партиското седиште со површина од 3.800 квадрати, овде влегуваат и две станбено-деловни единици на Рекорд, од кои едната долго време функционираше како Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, а во втората беше сместена „Вегера“. Но, опозициската партија поседува и станови од 66 и 91 квадрати во објект во Чаир, на улица Цветан Димов.

Потоа, оваа партија се јавува и како сопственик на недвижности и во останатите скопски населби. Една од нив е Аеродром, каде што партијата поседува имот преку 5 имотни листови што се однесуваат на една иста катастарска парцела. Всушност, на оваа локација на ул. Коста Новаковиќ бр. 7 е изградена станбена зграда, чиј инвеститор била компанијата „Дабар“.

Во врска со овој објект, ВМРО-ДПМНЕ е наведена како косопственик заедно со десетици други физички и правни лица, без да се дефинира кој колкава површина поседува. Наспроти тоа, јасно е впишано дека партијата поседува 4 станбени единици на приземје од 18, 20, 39 и 34 квадрати во зграда на Февруарски поход 42 во Ново Лисиче, што ја градеше „Адора“.

Во соседната Кисела Вода, пак, опозициската партија полага сопственичко право врз недвижности во објектот на „Импексел 2“, кој се наоѓа веднаш до зградата каде што живееше поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски. Истовремено, партијата поседува стотина квадрати во објект во близина на студентскиот дом „Пелагонија“, чија намена е дуќан.

АВТОКОМАНДА, ВЛАЕ, ШУТО ОРИЗАРИ…

Понатаму, партијата предводена од Христијан Мицкоски поседува имот и во објектот познат како „Скопје Сити Тауер“, изграден веднаш до Сити Мол од страна на „САД-КОМ“. Иако не е прецизирано за каков имот се работи, сепак, тој е претставен преку два имотни листа.

Во други скопски општини, партискиот имот е регистриран на по еден имотен лист. Во тој правец, партијата поседува 99 квадрати во една од кулите во Автокоманда, 193 квадрати во комплексот Порта Влае, како и 97 квадрати во објект во Шуто Оризари.

На крајот, треба да се нотира дека партијата поседува имот и во скопски Сарај. Тоа е имот опфатен со 7 имотни листа, кој се наоѓа во непосредно опкружување. Се работи за пасишта, градежно неизградено земјиште, градежно изградено земјиште…

Меѓу другото, ВМРО-ДПМНЕ поседува пасиште од 215 квадрати заедно со едно физичко лице. Патем, партијата поседува земјиште и во соседните парцели, како и деловно-комерцијална единица од 18 квадрати во мултифункционален објект во близина.

Кога ќе се собере сето тоа, може да се заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ поседува значителен разновиден недвижен имот, кој главно е купен за време на претходното раководство. Но, овој партиски имот беше третиран во неколку предмети што ги отвори СЈО, при што еден заврши со пресуда која навестува можна конфискација.

НАСЛЕДЕН ИМОТ ВО СКОПЈЕ, СТРУГА, КАВАДАРЦИ…

Што се однесува до владејачката СДСМ, оваа партија поседува недвижен имот преку 13 имотни листови во неколку градови низ земјава. Се разбира, меѓу нив највреден е објектот каде што е сместено партиското седиште на Бихаќка, чија внатрешна површина надминува 2 илјади квадратни метри.

Дополнително, социјалдемократите поседуваат имот и во Струга од 204 квадрати. Преку дополнителни 2 имотни листа, пак, располагаат со недвижен имот и во Кавадарци, каде што делат „помошни простории“ од 189 квадрати со други субјекти, а во истиот објект во центарот на градот самостојно поседуваат простор од 158 квадрати.

Во тој контекст, вреди да се напомене дека партијата што ја предводи Димитар Ковачевски поседува и 4 недвижности од вкупно 336 квадрати во станбено-деловна зграда во Неготино. Преку неколку имотни листови, пак, социјалдемократите поседуваат и 3 деловни простории во Ресен од вкупно 482 квадрати.

Згора на тоа, СДСМ поседува 82 квадрати во деловен објект во Валандово, 68 квадрати во објект за семејно домување во Богданци, два стана од 61 и 30 квадрати во Крива Паланка, додека во овој град фигурира и како косопственик заедно со Сојузот на синдикати на уште 3 станбени единици со вкупна површина од 83 квадрати.

Конечно, во имотното досие на владејачката партија влегуваат и 34 квадрати во објект заведен како зграда на ДДЗ, ОНО, СИЗ и МВР во Крушево, а нешто поголем е просторот во штипско Лозово, каде што СДСМ поседува 55 квадрати.

НИВИ ОД НАД 3 ИЛЈАДИ КВАДРАТИ

Во конкуренција на останатите партии, сопствен имот има и Социјалистичката партија. Ако СДСМ го наследи имотот од СКМ, тогаш СП го наследи имотот на ССРН, во чии рамки спаѓа и вредниот објект во центарот на Скопје со површина од 1.759 квадрати, лоциран веднаш до некогашната Градска болница.

Освен тоа, опозициската партија која од скоро ја предводи Љупчо Димовски, наследувајќи го покојниот Љубислав Иванов-Ѕинго, располага со градежно земјиште од 1.159 и објект со површина од 459 квадрати во Карпош. Воедно, социјалистите имаат свој имот и во Струга од стотина квадрати, како и незначителни 10 квадрати во Велес.

Уште една партија со свој недвижен имот е владејачката ДУИ, во чија сопственост е објектот во скопски Чаир од 274 квадрати, како и сѐ уште неурбанизираното земјиште во соседната парцела од 318 квадрати. Иако за главна база на партијата на Али Ахмети важи штабот во Мала Речица, сепак, нејзиното формално седиште е во објектот во Чаир.

Воедно, „интегративците“ поседуваат и деловни простории во Дебар од 192 квадрати, како и ниви во прилепското село Дебреште, чија вкупна површина изнесува над 3 илјади квадрати. Од неодамна, пак, партијата го зголеми партискиот имот со атрактивен објект во центарот на Тетово од 1.400 квадрати.

Се работи за поранешната зграда на „Телеком“ и „Пошта“, која ДУИ ја купила со кредит од речиси еден милион евра. Она што беше симптоматично, објектот десетина години бил вон употреба, а претходните газди може да се доведат во релација со ДУИ или со институции раководени од нивни кадри.

ШТО ГОВОРАТ ГОДИШНИТЕ СМЕТКИ?

Фокус“ ги обезбеди и годишните сметки што политичките партии ги поднеле до Централниот регистар, кои, покрај другото, откриваат информации и за нивниот имот. Оттука, годишната сметка за ВМРО-ДПМНЕ открива дека партијата дел од имотот го користи за свои потреби, но дел го издава, со оглед дека лани остварила приходи по основ на кирии и закупнини од 579 илјади денари.

Инаку, во финансискиот извештај на партијата, евидентирано е дека земјиштата и шумите во нејзина сопственост имаат вредност од над 43 милиони денари, или за околу 7 милиони денари повеќе отколку претходната 2020 година. Во делот на градежни објекти, наведена е вредност од 1.327 милиони денари, што, пак, претставува зголемување за 300 милиони денари.

За разлика од ВМРО, СДСМ ниту еден од своите објекти не го издава под закуп и по тој основ нема прибрано ниту денар во изминативе години. Меѓутоа, оваа партија има нула и во ставката за земјиште и шуми. Единствено, во сегментот за градежни објекти впишана е вредност од речиси 169 милиони денари, што е далеку помалку во споредба со вредноста на имотот на нивните главни политички ривали.

Во текот на 2020 година, ДУИ остварила приходи во износ од 276 илјади денари по основ на кирии и закупнини, но во ланската година воопшто нема вакви приходи. Интересно е што се забележува скок на вредноста и на земјиштата, шумите и градежните објекти, кои лани достигнуваат 5 милиони, односно 90 милиони денари, наспроти 2020 година, кога нивната вредност била 1,7 милиони, односно 12,8 милиони денари.

Иако Социјалистичката партија неспорно поседува недвижен имот, сепак, не пријавила приходи по основ на кирии, а во годишната сметка, во делот на активата, не е наведена ниту вредност на имотот. Иста е ситуацијата и во извештаите на АА, Беса, Алтернатива, НСДП, ВМРО-НП, Левица, ГРОМ, ДС, ДОМ и други партии, но тие воопшто немаат свој имот, па главно се финансираат од членарини и донации.


Случај „Талир“
КАКО СЕ ИЗДИГНА „БЕЛАТА ПАЛАТА“ НА МЕСТОТО НА „ЖОЛТАТА ЗГРАДА“

Случајот за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со назив „Талир 2“, кој го отвори згаснатото СЈО врз основа на „бомбите“ доставени од Зоран Заев, периодов доби одредена разврска, откако првостепениот суд му изрече казна затвор од 6 години на поранешниот Никола Груевски, кој е во азил во Унгарија.

Според судот, партијата на чело со Груевски, по пат на злоупотреба, прибавила нов објект вреден 7 милиони евра, како и дополнителни 2 милиони евра со кои купиле дополнителен недвижен имот низ земјата.

Судот утврди дека пазарната вредност на земјиштето што партијата ѝ го стави на располагање на скопската фирма „Бетон“ на Минчо Јорданов, за да изгради седиште плус хотел, вредело 800 илјади евра, а за возврат добиле објект вреден 7 милиони евра.

Судијката објасни дека Груевски ја искористил состојбата на зависност на правното лице „Бетон“, затоа што вкупно 75 проценти од приходите на компанијата доаѓале од услуги што ги извршувал за државните и општински органи со склучување на тендерски договори.

Правната застапничка на ВМРО- ДПМНЕ, пак, изјави дека целата постапка, во која се бара конфискација на партискиот имот, била тенденциозна.


Зголемување на имотот
КАКО ДУИ СЕ „ПОДНОВИ“ СО ЗГРАДА ВО ЦЕНТАРОТ НА ТЕТОВО?

Владејачката ДУИ неодамна ја купила деловно-административната зграда лоцирана во центарот на Тетово, во кругот на „Телеком“, чиј габарит изнесува 452 квадратни метри, а внатрешната површина 1.423 квадратни метри, објави неодамна „Фокус“.

За да го купи овој објект, од ДУИ ни изјавија дека подигнале банкарски кредит од околу 900.000 евра, со период на враќање од 7 години. Сепак, од таму не открија за каква намена партијата планираат да го користат објектот, на кој можеше да се види табла од младината на ДУИ и плакати од партискиот лидер.

Историјатот на движење открива дека ДУИ го купила објектот од компанијата „Инфинити-МГ“, неодамна преименувана во „Зега Груп“, чиј сопственик е менаџерката на познатата „Вилсон Школа“, Елита Зулбеари-Маша. Таа не ја крие наклонетоста кон ДУИ, но знаела да испорача и критики.

Претходно, пак, објектот бил во сопственост на познатата тетовска градежна компанија „АК-Инвест“ на бизнисменот Азби Ибрахими. Според Бирото за јавни набавки, фирмата склучила повеќе договори за јавна набавка со органи предводени од кадри на ДУИ.

По нашата објава, реагираше и опозициската Алијанса за Албанците, а предмет отвори и Антикорупциската комисија.

Поврзани новости