Освен Туарегот, кој дополнителниот заменик министер Диме Спасов го користел противзаконски вечерта кога направи две сообраќајни несреќи, повремено користел уште три државни возила.
Ова го изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски на прес-конференцијата на која побара оставка од Спасов.
Tаа рече дека тој ги користел четирите возила, кои со претходна одлука на Владата биле доделени на Агенцијата за вработување и биле купени со пари од ИПА-фондовите.
-Тоа значи дека и директорот противправно и спротивно на Правилникот за користење на службени возила, овозможил користење на автомобили неовластени за нив- рече Ременски.
Во службените возила, Спасов точел гориво со службена картичка, која има лимит до 30.000 денари месечно, а која министерката најави дека ќе му биде одземена.
Ременески рече дека за ова ќе испрати пријава до Владата и надлежните органи за злоупотреба на службената положба и овластување на директорот на Агенцијата за вработување, кој спротивно од законот, извршува функција со извршен мандат.