Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов пристигна во полициската станица Карпош, каде се очекува да даде исказ за синоќешните случувања, велат полициски извори за Радио Слободна Европа.
Тој, како што пишува РСЕ, своеволно вечерва дошол во полициската станица, откако синоќа според полицискиот записник удрил со службениот џип во два автомобила по што побегнал. Полициската патрола синоќа го сопрела во скопската населба Тафталиџе, каде што откако излегол и им одговорил на полицајците дека тој управувал со возилото, а потоа побегнал.
МВР денеска информира дека еден час по настанот, неговиот службен возач се пријавил да преземе одговорност тврдејќи дека тој управувал со џипот, но полицијата тврди дека при сопирањето на возилото не го затекнале внатре тоа лице, а дополнително неговата изјава не се совпаѓа ниту со таа на сопатничката која останала сама во возилото. Од полиција велат дека за сите кои во случајов го прекршиле законот ќе следува соодветна пријава.