Дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, по четири дена од скандалот со сообраќајните несреќи и бегањето од полицијата, денеска одлучи да се појави во интервју на Телевизија Нова. Тој рече дека во изминатиов период му било многу тешко по сите напади на негова адреса и сега со појавувањето во јавност му олеснило.
За тоа зошто го напуштил местото на настанот, за што во извештајот на МВР стои дека додека биле легитимирани тој и неговата сопатничка, Спасов со трчање избегал од местото, заменик-министерот вели дека тој не се чувствувал заштитено од полицијата, атмосферата била тензична и решил да си оди.
-Напаѓачите кои ме бркаа, пред Катастар ме турнаа врз моето возило и вперија пиштол кон мене. Потоа стигна полициско возило и напаѓачот со пиштолот се повлече. Следеше период во коj дојдоа многу лица, дел во униформа, дел не. Во една таква тензична атмосфера, каде што полицијата не презема мерки врз напаѓачите, заклучив дека се работи за криминално-полициска местенка и се одлучив да го напуштам местото, се правдаше Спасов.
Во извештајот на МВР за случајот пишува:
„Е. А. на бројот 192 пријавил дека во градскиот парк во Скопје, движејќи се по сервисната улица кон хотел Парк со своето возило ПМВ Фолксваген со скопски регистарски таблици кое што лично го управувал, бил удрен од ПМВ Туарег со скопски регистарски таблици кое доаѓало од спротивен правец.
Поради тоа што возачот на ПМВ Туарег по предизвиканата сообраќајна незгода не застанал туку се дал во бегство, Е.А. со возилото се упатил по ПМВ Туарег. Возачот на ПМВ Туарег продолжил да се движи по ул.Франклин Рузвелт, по што свртел десно по ул. М.Т.Гологанов, па потоа по ул.Њуделхиска, каде што предизвикал и втора сообраќајна незгода удирајќи во ПМВ Рено со скопски регистарски таблици, и повторно, без да застане, продолжил кон ул.Алжирска, каде бил сопрен од полициска патрола. За време на утврдувањето на идентитетот на Т.К., лицето кое го управувало возилото Д. С. разговарало на мобилен телефон и се оддалечило од возилото на неколку метри, по што со трчање се дало во бегство во правец на ул„Дрезденска“.