Целокупниот фонд на белоглави орли од земјава во последен момент бил спасен, пред да започнат да се хранат со отруени кучиња на територијата на село Витолиште, Мариово, соопшти Македонското еколошко друштво (МЕД) за инцидент кој се случил изминатата седмица.
Стравувале дека ако птиците стигнат до отруените животни може да се случи истребување на белоглавите мршојадци од Македонија кои, според нив, ги има 24 во земјава.
-Жители на село Витолиште не контактираа дека во близина има масовно труење на кучиња со отров. Бидејќи Мариово е најголемото хранилиште на белоглавите мршојадци во Македонија, стравуваа дека може да дојде до масовно труење ако птиците ги најдат мршите. Преку ЏПС системот, поставени кај два белоглави мршојадци, лоциравме дека се во близина на расфрлените мрши и отров, велат од МЕД.
Како друштво велат дека имаат одлична соработка со Граничната полиција.
-Нив ги алармиравме и тие се упатиле во возило со звучна сигнализација. Ги нашле мршите и пребројале дури 18 белоглави мршојадци кои се подготвуваат да се хранат. Во последен момент ги избркале со аларм и птиците заминале. Знаеме дека се хранат во јато или дека со нив се и другите птици, кажа Арта Старова од МЕД.
Таа објасни дека во Македонија има по осум птици белоглави мршојадци во клисурата Демир Капија и исто толку на Тиквешко Езеро. Тие мигрираат во Мариово за да се прехрануваат. Но екологистите од МЕД имале и друга обврска да ги пронајдат и отстранат мршите, за да не се случи некое друго труење следните денови. За тоа помош побарале од Општина Прилеп. Наредниот ден екипи на локалната власт биле на терен, ги лоцирале и отстраниле мршите.
-Незаконското користење отров и понатаму претставува најголемата закана за опстанокот на мршојадците не само во Македонија туку и на целиот Балкански Полуостров. Проценката е дека во последните 20 години на Балканот имаат настрадано околу 2.300 мршојадци, додека кај нас оваа пракса има доведено до целосно истребување на црниот и брадестиот мршојадец, а ги има доведено египетскиот и белоглавиот мршојадец на само неколку гнездечки пара, велат од МЕД.
Преку проектот „BalkanDetox Life“, МЕД работи на подигање на јавната свест за проблемот со труење на животните кои се храна за птиците, но и едукација на локалното население и предлагање мерки за минимизирање на конфликтите со дивите животни во руралните заедници.