Царовска во Стразбур: Изучувањето на историјата е темел на демократската култура

by Fokus

Министерката за образование и наука Мила Царовска учествуваше на конференција во Стразбур организирана по повод една година од основањето на Опсерваторијата за изучување историја, на која беа евалуирани резултатите од нејзиното досегашно функционирање.

Целта на оваа опсерваторија е да го унапредува квалитетот на наставата на сите образовни нивоа во сите земји членки на Советот на Европа кои ја прифатија иницијативата за нејзино основање или кои ќе се приклучат во иднина.

Како што информира МОН, Република Северна Македонија од самиот почеток ја поддржа оваа иницијатива и продолжува да придонесува кон работата на опсерваторијата, a министерката Царовска очекува дека придобивки ќе имаат сите држави кои се дел од истата.

– Изучувањето на историјата е темел на демократската култура и затоа сметам дека идејата за основање на опсерваторијата е одлична. Таа е добро место каде преку размена на искуства меѓу државите, врзани за педагошкиот пристап во предавањето ќе се обезбедат придобивки и унапредување на образовните концепти кои земјите ги применуваат, рече Царовска.

Министерката истакна дека оваа научна област придонесува за развојот на демократско граѓанство, затоа што изучувањето на материјата го поттикнува поединецот на почитување на различностите и токму во таа насока, со најкрупните промени досега во областа на основното образование кои во моментов ги спроведува Северна Македонија, опфатен е и предметот Историја, кој наместо од петто отсега се изучува од четврто одделение.

Царовска информираше и дека е почната етапна примена на нови наставни програми и учебници, но и интегриран пристап преку кој една тема се изучува од различни аспекти, односно преку повеќе предмети.

Опсерваторијата за изучување историја е основана минатата година, како резултат на потпишана Декларација од министрите за образование на 23 земји во Париз, на 26 ноември 2019 година. Со неа тие изразија подготвеност да работат на нејзино создавање во рамки на новиот проширен парцијален договор на Советот на Европа.

Досега 17 земји пристапија кон членство во опсерваторијата: Албанија, Андора, Ерменија, Кипар, Франција, Грузија, Грција, Ирска, Луксембург, Малта, Северна Македонија, Португалија, Руска Федерација, Србија, Словенија, Шпанија и Турција.

Поврзани новости