Сопатникот во возилото во кое според полицискиот извештај, Диме Спасов удрил кај Градскиот парк, во изјава за Дојче Веле вели дека се што кажал заменик-министерот е лага.
-Одевме кон паркот кога не удри возило и наместо да застане, продолжи да вози како ништо да не се случило. Поради тоа, свртевме и тргнавме по него, за да му ја видиме регистарската табличка и да го пријавиме во полиција. Се јавивме, го пријавивме бројот на табличката и долго време бевме на телефонска линија со полицијата. Кога возачот запре на семафор, излеговме да му кажеме да застане и да се паркира настрана. Но, тој не застана. Тргна и покрај тоа што во тој момент стигна и полициско возило со ротациски светла. Притоа, не можеше ни да вози право по сообраќајната лента, туку цело време шеташе лево – десно, што укажуваше дека најверојатно е пијан. При тоа бегање удри уште едно возило, раскажува Даут Динарица.
Тој вели дека не знаеле кој е возачот, се додека полицијата не го легитимирала. Негира дека му се заканувале со пиштоли и вели дека по запирањето полицијата и ним им извршила претрес и притоа не нашла никакво оружје.