Советот за етика ја отфрли жалбата од сопственичката на „Дијамед“ против Ирена Мулачка

by Fokus

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 16 јануари 2018 година, врз основа на примена жалба од Вера Иванова – „Диамед Македонија“ поднесена против неделникот „Фокус“, ја донесе следната:

ОДЛУКА

 ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕОСНОВАНА

Текстот не отстапува од професионалните и етичките стандарди

ЖАЛБА

До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 15 декември 2017 година, Вера Иванова поднесе жалба за текстот насловен „И Словенецот Јанез Јелникар увезувал лекови од Турција!“, објавен на 1 декември 2017 година, во неделникот „Фокус“ (www.fokus.mk).

Во жалбата се наведува дека текстот содржи неточно и нефер известување, нарушување на приватноста и незастапена втора страна.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

сопИзвршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со неделникот „Фокус“ и побара уредничкиот колегиум да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Авторот на оспорениот текст, Ирена Мулачка, одговори на наводите на жалителот.

Мулачка смета дека жалбата е неоснована и дека во текстот никаде не било споменато дека фирмата „Метро Медикал“ увезувала лекови преку паралелен увоз од Турција.

Според неа, за сите фирми кои во текстот биле споменати како паралелни увозници на лекови биле извадени документи од Централен регистар и биле напишани нивните сопственици и управители.

„Што се однесува до Центарот за дијализа Дијамед Медикал, исто така, никој не тврди дека сопственик е Ристо Новачевски, бидејќи според досегашната практика, тој не фигурира на документите, но затоа, пак, опозицијата во неколку наврати претходно истакна дека тој седи во заднина на фирмата, велат од „Фокус“ во одговор на жалбата.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби утврди дека жалбата во однос на содржината е НЕОСНОВАНА и дека во текстот на неделникот „Фокус“ нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.

При своето одлучување, Комисијата го зеде предвид и:

 Член 3 од Декларацијата на Комитетот на министри на Советот на Европа за слободата на политичка дебата во медиумите (872 состанок од 12.02.2004 година), во кој се вели дека политичките личности одлучиле да апелираат на довербата на јавноста и прифатиле да бидат предмет на јавна политичка дебата, а со тоа и предмет на надзор на јавноста и на потенцијално силна јавна критика по пат на медиумите, во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции.

Член 4 (Јавен надзор над функционери) од истата Декларација, во кој се вели дека функционерите мораат да го прифатат фактот дека, особено преку медиумите, се подложни на јавен надзор и критика во поглед на начинот на кој ја извршувале или извршуваат својата функција, онолку колку што е потребно за обезбедување транспарентност и одговорно вршење на нивните функции.

Пресудата на ЕСЧП Thoma Vs. Luxemburg 2001 , 5, каде што се вели дека:

„Медиумите имаат суштинска улога во демократското општество. Иако не смеат да се пречекорат одредени граници, особено во однос на угледот и правата на другите, сепак, должност на медиумите е да пренесуваат на начин што е доследен на нивните обврски и одговорности – информации и идеи за сите прашања од јавен интерес. Не само што медиумите имаат задача да пренесуваат такви информации и идеи, туку и јавноста има право да ги прима. Кога би било поинаку, медиумите не би биле во можност да ја играат својата важна улога на „чувар на јавноста“.

Пресудата на ЕСЧП во случајот Steel and Morris Vs. United Kingdom 2005, 94, за случајот кога Мекдоналдс корпорацијата („САД Мекдоналдс“) и Мекдоналдс ресторани ДОО („Мекдоналдс Велика Британија“), ги тужеа г-ѓа Елена Стил и г-дин Дејвид Морис, барајќи штета од 100.000 британски фунти за клевета предизвикана од наводното објавување на брошура од страна на обвинетите. Судот најде дека:

„Големите јавни претпријатија (се мисли на претпријатија во приватна сопственост) неизбежно и свесно се изложуваат на остро испитување на нивните дејства, како и во случајот на стопанствениците на претпријатија што управуваат со нив, а границите на прифатливи критики се пошироки во случај на таквите претпријатија. (види Фајед против Обединетото Кралство, пресуда од 21 септември 1994 година, Серија А бр. 294 – Б, стр. 53, § 75)“

Член 5 ст. 2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, каде што се вели дека како подрачја и прашања на јавен интерес се сметаат особено: сите облици, институции и активности на вршење на државна власт и јавни институции, локалната самоуправа, општествените дејности како здравството, културата, уметностите, образованието, науката, спортот, средствата за јавно информирање, правниот систем и

примената на правото и економскиот систем и економските односи и животната средина.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА

 На седницата на 16 јануари 2018 година, најпрво, членовите на Комисијата за жалби во согласност со чл. 11 од Правилникот за работа, а се со цел спречување на влијанија и обезбедување мериторно и непристрасно одлучување, од одлучувањето ја изземаа Мери Јордановска, бидејќи таа како член во составот на Комисијата е предложена од медиумот „Фокус“.

Останатите членови ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина.

Комисијата, најнапред, заклучи дека не може и нема право да ги утврдува фактите наведени во неа. Нејзината надлежност е единствено да ги утврдува етичките и професионалните стандарди во новинарскиот производ.

При своето одлучување, Комисијата, најпрво, констатираше дека оспорената медиумска содржина произлегува од јавниот интерес, односно обработува актуелна тема – афера со лекови во здравството, што е дефинирано како подрачје од особен јавен интерес согласно чл.5 ст. 2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Поголем дел од информациите во текстот се засноваат на претходно познати и веќе апсолвирани факти.

Во однос на споменатите компании во прашањата на новинарот, членовите на Комисијата, најдоа дека и приватните компании, кои се предмет на анализа во текстот на „Фокус“, подлежат на легитимен јавен надзор за нивните дејствија и не смеат да бидат изземени од теми за кои јавноста има право да биде информирана од страна на медиумите, особено за општествените дејности како здравството. (Steel and Morris Vs. United Kingdom 2005, 94). дотолку повеќе што во оваа афера има тврдења за вмешаност на поранешниот претседател на Владата на РМ г. Никола Груевски, па оттука произлегува должноста на медиумот да го штити јавниот интерес (Thoma Vs. Luxemburg 2001, 5 и чл. 3 и 4 од Декларацијата на Комитетот на министри на Советот на Европа за слободата на политичка дебата во медиумите.)

Според толкувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите, новинарот може да објави нешто за кое што нема доволно докази, а за кое има доволно индикатори дека е вистина, односно нешто за што постои основано сомнение. Основано сомнение подразбира презентирање аргументи кои се разумни и кои се индикатор дека нешто е вистина, без да имаме конкретен доказ за вистинитоста.

Во продолжение, Комисијата го зеде предвид и делот под текстот на „Фокус“ (стр.12), во кој неделникот експлицитно нагласува дека испратил неколку прашања до сите шест фармацевтски компании, преку кои се врши паралелен увоз на лекови во Турција, но оти не добиле одговор од нив.

Оттука,    Комисијата   утврди   дека   текстот  е  професионален и дека се испочитувани професионалните и етичките стандарди.

*  *  *

Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како во диспозитивот.

Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Филип Ѓурчиновски, Сефер Тахири, Теофил Блажевски и Гоце Герасимовски.

Се обврзува неделникот „Фокус” (www.fokus.mk), во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби, да ја објави оваа одлука.

 

 

 

 

 

    


 

 

 

 

Поврзани новости