Советот за етика го осуди вчерашното поливање со боја врз новинарот Героски

by fokus

Советот за етика во медиумите ги осудува физички пресметки помеѓу новинари, соопштуваат од таму откако вчера главниот и одговорен уредник на дневниот весник „Слободен печат“ беше полиен со боја во центарот на Скопје од страна на бизнисменот Љупчо Палевски, на што му претходеше расправија на социјалните мрежи.

„Советот за етика во медиумите на Македонија најостро ги осудува сите облици на физички пресметки во коишто се инволвирани новинари и апелира на воздржаност и смирени реакции на какви било провокации од кој и да е центар на моќ, групации или поединци. Новинарите се должни да ги почитуваат вредностите на својата професија, да не поттикнуваат насилство ниту со своето пишување, ниту со своето однесување, и никогаш да не заборават дека нивното најсилно оружје е зборот“, велат од таму.

Од таму повикуваат на максимална одговорност во вршењето на јавните професии

„Не очекува бурен период на политичка кампања и тензии пред претстојните локални избори. СЕММ исто така апелира до медиумите на посериозен пристап во известувањето, односно јавниот интерес да биде главен услов при селекцијата на темите што се презентираат на публиката. Освен информативна, медиумите имаат и едукативна улога, тие треба да го збогатуваат јавниот дискурс, да влијаат на негово култивирање, а не на спуштање на нивото на јавната комуникација и креирање на атмосфера којашто не доликува на едно современо демократско општество“, додаваат од Советот.

Поврзани новости