Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа ја усвои првата резолуција за поддршка на планот за прекин на огнот, чија крајна цел е да се стави крај на осуммесечната војна меѓу Израел и Хамас во Газа.
Резолуцијата го поздравува предлогот за прекин на огнот објавен претходно од американскиот претседател Џо Бајден, кој Израел наводно го прифатил. Од Хамас, кој, според информациите, првично гледал позитивно на предлогот, се бара да го прифати планот, кој ќе се спроведува во три фази.
Резолуцијата, која ги повикува Израел и Хамас целосно да го спроведат споменатиот план, „без одлагање и без услови“, беше усвоена со 14 гласа „за“, ниту еден „против“, а Русија беше воздржана.
Претходно во текот на денот, заменик-амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд изјави за новинарите дека САД сакаат да се уверат дека сите 15 членки на Советот за безбедност ќе ја поддржат, како што рече, „најдобрата и најреална можност барем привремено да се запре оваа војна“.
Резолуцијата беше усвоена практично едногласно, но остана сомнително дали Израел и Хамас навистина се согласуваат на трифазен план за прекин на огнот.