Советот по втор пат не ја унапреди „непослушната“ Ленче Ристоска – Артан Ајро за кого има кривична, по втор пат унапреден

by fokus

Советот на јавни обвинители по втор пат не ја избра обвинителката која беше дел од поранешното Специјално јавно обвинителство, Ленче Ристоска за обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје и обвинителот, Љубомир Лапе кој последно го отвори случајот „Феникс“ за спорниот проект „Скопје 2014“.

И двајцата досега два пати конкурираа за унапредување во Вишото обвинителство и два пати не добија мнозинство од членовите.

На денешната седница на Советот на јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство унапредени се обвинителката, Наташа Гоџоска, сестра на поранешниот министер за правда, Никола Тупанчески, која се откажа од случајот со малата Тамара Димовска, која почина чекајќи лекување во Турција и поранешниот колега на Ристоска и Лапе од СЈО, Артан Ајро.

Ова е второ унапредување за Артан Ајро, кој прво беше избран за обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а сега оди во скопското Вишо обвинителство.

Ајро е еден од обвинителите против кои поранешниот народен правобранител, Фехми Стафа поднесе кривична пријава за конфискацијата на имотот на „Трансмет“, предмет против бизнисменот Сеад Кочан од кого од буџетот требаше да се вратат 17 милиони евра, но не се врати ни денар.

Советот на јавни обвинители пред извесно време се обрати до Етичкиот совет до Обвинителството за изјавата на обвинителката  Ристоска која на научна конференција кажа дека членови на Советот на јавни обвинители тргуваат со влијание.

Спорните одредби пак за обвинителите во Етичкиот кодекс Советот ги воведе во 2021 година и со нив практично им се забрани да ги коментираат одлуките на ова тело и не им се дозволува да коментираат ништо друго надвор од просториите на Обвинителството.

Ова надополнување на кодексот што го направи Советот на јавни обвинители во време кога со него претседаваше, Ацо Колевски, следуваше по изјавата на Ристоска со која побара обајснување зошто не е унапредена.

-Јас сум разочарана од одлуката на Советот. Навистина не знам зошто, и покрај демонстрираниот професионализам и интегритет, работата на случаи како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ и, паралелно, со тоа работа во „Еуроџаст“, за која сум пофалена од самата институција, јас не заслужувам унапредување. Ќе беше убаво да ги слушневме и причините и размислувањата на членовите на Советот, а не само нивната конечна одлука, изјави тогаш Ристоска.

Мнозинство од Советот не добија и кандидатите Зоран Марковски, Спасенка Андонова, Владимир Милошески, Наташа Сарамандова, Јован Серафимовски, Златко Биковски, Расим Деца и Дарко Јакимовски.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Јавниот бунт на Ленче Ристоска ги воведе забранувачките одредби за обвинителите со кои сега се камшикува

Поврзани новости