Јавниот бунт на Ленче Ристоска ги воведе забранувачките одредби за обвинителите со кои сега се камшикува

by fokus

Јавниот бунт на обвинителката, Ленче Ристоска која во април 2021 година побара објаснување зошто мнозинството на Советот на јавни обвинители гласаше против нејзино унапредување во Вишото јавно обвинителство, ги „воведе“ спорните одредби на Етичкиот кодекс за обвинителите со коишто практично им се забрани да ги коментираат одлуките на ова тело и не им се дозволува да коментираат ништо друго надвор од просториите на Обвинителството.

Ова надополнување на кодексот што го направи Советот на јавни обвинители во време кога со него претседаваше, Ацо Колевски, следуваше по изјавата на Ристоска со која побара обајснување зошто не е унапредена.

-Јас сум разочарана од одлуката на Советот. Навистина не знам зошто, и покрај демонстрираниот професионализам и интегритет, работата на случаи како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ и, паралелно, со тоа работа во „Еуроџаст“, за која сум пофалена од самата институција, јас не заслужувам унапредување. Ќе беше убаво да ги слушневме и причините и размислувањата на членовите на Советот, а не само нивната конечна одлука, изјави тогаш Ристоска.

Денеска Советот на јавни обвинители донесе заклучок да се обрати до Етичкиот совет на јавните обвинители откако деновиве Ристоска во обраќање на конференцијата посветена за улогата на судскиот и обвинителскиот совет во стекнување на независност и интегритет во судството организирана од Националната конвенција за ЕУ во земјава, изнесе критики до Советот на јавни обвинители.

РИСТОСКА ГО КРИТИКУВАШЕ СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ

-Сè додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е избор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна, изборот што Советот го прави, креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал, рече Ристоска во вторникот.

Токму поради членот кој беше воведен по нејзиниот јавен бунт, сега обвинителката ќе ја оценува Етичкиот совет на јавните обвинители.

– Јавните обвинители нема да ги коментираат во јавноста одлуките донесени од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија. Јавните обвинители нема да ги коментираат во јавноста заклучоците, ставовите, препораките, мислењата, упатствата и други одлуки донесени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, стручниот колегиум или донесени на состаноци на јавното обвинителство. Јавните обвинители во вршењето на својата функција и во јавноста, ќе ја почитуваат презумпцијата на невиност, не само за предметите по кои постапуваат, туку и за останатите предмети по кои постапуваат други јавни обвинители, се вели во дел од овој член.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски кажа дека дискутирале за содржината на нејзината изјава и дали таа соодветствува со она што е предвидено во Етичкиот кодекс на јавните обвинители и оцениле дека таа изјава треба да биде пратена до Етичкиот совет на јавното обвинителство, за тие да се произнесат дали има прекршување на Кодексот.

НЕ МОЖЕ ДА СЕ КРИТИКУВА БЕЗ ДОКАЗИ

-Не велиме дека не смее да говори, меѓутоа нека поткрепи со факти ако имало такво нешто, меѓутоа паушалното изнесување веќе штети на угледот. Секој може да каже свое мислење ако смета дека нешто има, меѓутоа таа е јавен обвинител, не може со паушално во јавноста да предизвикуваме сомнеж во работењето и на Советот и на јавните обвинители кои се избирани од овој Совет. Од 2008 наваму се избирани голем број обвинители, дали тоа значи дека сите тие биле избирани под влијание. Ако имало некакво влијание, тоа требало да биде пријавено со конкретно име и презиме, со конкретни докази, бидејќи како обвинител точно треба да ги знае постапките. Не може против некого да изнесуваш нешто, а да не е поткрепено со доказ. Јас не сум тргувал, зошто ме става во ист кош. Ако имало некој таков, јас не сакам да имам тука таков член кој им ветува на кандидати дека ќе бидат избрани, рече Јолевски.

И Коалицијата „Сите за правично судење“ којашто ги следи седниците на Советот на јавни обвинители констатира дека спорните одредби во Етичкиот кодекс беа донесени по изјава на обвинителката Ристоска, а сега се применуваат врз неа.

-Коалицијата веќе во неколку наврати ја има истакнато својата загриженост во врска со одредбите во Етичкиот кодекс на јавните обвинители, особено од аспект на тоа дека истиот предвидува исклучително голем број на забрани за јавните обвинители за коментирање на случаите по кои постапуваат, но и забрана во јавност да ги коментираат одлуките и начинот на постапување на Советот на јавните обвинители и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. За жал, овие одредби, не само што не беа променети, туку истите веќе започнуваат да се применуваат во практиката, па така Советот веќе иницираше постапка против обвинител поради јавно изнесени критики за функционирањето на Советот. Притоа, со ова коинцидира и фактот што Етичкиот кодекс со спорните одредби беше донесен во 2021 година, само еден месец откако јавниот обвинител против кого сега е поведена постапка пред Етичкиот совет и тогаш јавно го критикуваше постапувањето на Советот на јавните обвинители, се вели во извештајот на Коалицијата.

Инаку, според извештајот на Коалицијата дискусијата за Ристоска почнала под точка разно, кога претседателот на Советот истакнал дека им стигнал допис од страна на Основен јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Куманово, во кој било наведено дека ова обвинителство има проблем со недостиг на јавни обвинители и дека еден обвинител кој со одлука на Советот е вратен да постапува во матичното обвинителство, откако СЈО престана да работи, сепак не оди на работа. Членовите на Советот всушност дискутирале за обвинителот Љубомир Лапе.

СОВЕТОТ НЕ ЗНАЕЛ КАЈ И ШТО РАБОТАТ ОБВИНИТЕЛИТЕ

На ова се надоврзале дека имале сознанија дека уште еден обвинител од поранешното СЈО, всушност Ленче Ристоска, исто така не одела на работа последните четири години.

Членовите немале информации зошто овие обвинители не одат на работа, дали можеби се упатени на работа во некое друго обвинителство, дали воопшто постапуваат по предмети, односно дали имаат земено предмети во работа и слично.

Коалицијата нотира дека загрижува тоа што Советот на јавните обвинители цели 4 години не е запознаен со тоа дали определени јавни обвинители одат на работа или не, иако ова тело има задача да ги разгледува и оценува годишните извештаји на јавните обвинителства. Од Коалицијата објаснуваат дека овие обвинители со одлука на републичкиот јавен обвинител имаат задолженија да се грижат за се она што остана во поранешното СЈО.

-Дополнително, еден од обвинителите за кои стана збор е воедно и јавен обвинител задолжен за канцеларијата за врски со Европравда, па така овој обвинител изготвува и посебни извештаи за работата како обвинител во канцеларијата за врски, во кои извештаи е нотирано дека јавниот обвинител користи посебни канцеларии, надвор од зградата на матичното јавно обвинителство.

Во оваа насока, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија има донесено и посебни одлуки со кои на споменатите обвинители им се даваат задолженија и обврски кои се однесуваат на грижа за материјалите, инвентарот и просториите кои ги користеше поранешното Специјално јавно обвинителство. Оттука е навистина нејасно како Советот за цел овој временски период, не бил запознаен со ваквата состојба и оправдано се покренува прашање за должното внимание со кое членовите на Советот ги извршуваат своите надлежности, се додава во извештајот на Коалицијата.

Ристоска беше обвинител во предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“ и со уште двајца обвинители успеа да го докаже масовното прислушување пред првостепениот суд којшто го осуди поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков на 12 години затвор.

Но, одлуката запна во Апелација каде предметот беше заглавен со месеци за потоа да биде вратен на повторно судење. Токму судијата известител за овој предмет во Апелацискиот суд, Енвер Беџети за кого Судски совет констатираше дека неоправдано го држел предметот во фиока и го довел случајот на чекор до застарување, се споменува како причина за пучот што се случи во Судскиот совет, кога група членови ја разрешија претседателката, Весна Дамева.

Неофицијално на дневен ред требало да биде ставено разрешувањето на овој судија, но суштинската одлука ја засени драмата и разрешувањето на претседателката. Сепак членовите денеска не успеаа да соберат мнозинство и да изберат нов претседател на највиското судско тело.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости