Советот на СЕЛЕК едногласно со 11 гласа „за“ го разреши од својата функција генералниот директор на меѓународната мрежа за организиран криминал, Тони Јакимовски. Државниот секретар на МВР, Магдалена Несторовска, со делегација од Министерството утринава пред Советот дале образложение на барањето зошто Јакимовски треба да биде разрешен.
Претходно министерот, Оливер Спасовски, изјави дека побарал повлекување на Јакимовски од оваа организација. Како што рече тој, „подобро е да немаме директор во СЕЛЕК отколку да имаме со криминално досие и да ни се смее цела Европа.“
-Функцијата на Јакимовски во СЕЛЕК е лоша репутација за Македонија, па дури имајќи го во предвид и тоа дека треба да се почитува пресумцијата на невиност. Најмалку што се очекува е да се повлече самиот – рече министерот.
Против Јакимовски е покренато обвинение, а Специјалното јавно обвинителство го товари за уништување на системите за прислушување. Со одлука на Врховниот суд му беа одземени и патните исправи.