На седницата на Советот на јавни обвинители имало предлог да се гласа за листата обвинители предложена од Катица Јанева. Но единствено тројца од вкупниот број членови гласале за таквиот предлог. Доколку се одеше на таков начин тогаш извесно е дека сите 14 обвинители, кои ги предложи специјалната обвинителка, ќе беа избрани. Тоа ќе значеше почитување на Законот за специјално обвинителство и продолжување на политичките преговори на партиите кои по завршување на преговорите за Изборниот законик беа прекинати, односно СДСМ се повлече.
Доколку се избереа сите обвинители на Јанева опозицијата немаше да ги напушти преговорите, а со оглед дека пакетот за изборите бил затворен ќе можеше наредните денови да се дискутира за законите за пријавувачите и за ограничување на употребата на прислушуваните снимки, но и за кадровските решенија за внатрешни работи и за труд и социјала каде треба да се изберат министри од СДСМ. Сега ситуацијата е некако на почеток и се ќе зависи од утрешната одлука на опозицијата како ќе настапува во иднина, но и од притисокот на странците.
Но, со гласањето во Советот на јавни обвинители ситуацијата е сосема поинаква. Откако не поминал предлогот да се гласа за листа, тогаш стигнал друг предлог од еден член на советот- да се изберат барем 10 од посочените 14. Откако и таквиот предлог бил одбиен се пристапило кон избор на седуммина затоа што мнозинството, во кое бил и обвинителот Зврлевски, процениле дека тоа е доволна бројка. На седницата, пренесуваат извори на Фокус, членовите кои инсистирале да се избере што помал број обвинители поставувале нелогични прашања само да го минимизираат значењето на специјалното обвинителство. Некои од прашањата се однесувале на тоа колку постапки ќе отворела Јанева со толку многу обвинители? Колку време ќе истражувала за да и треба толкава екипа со толку вработени? Од каде и се овластувањата да биде обвинителка над обвинителите? Ако Советот на јавни обвинители вака се однесува со првите обвинители на Катица кои практично и се главни соработници тогаш што е со другите нејзини планови за работа, како на пример со 124-те вработувања што ги бара и сумата од милион евра за истраги? А сето тоа што го бара Јанева произлегува од законот изгласан од сите партии во парламентот.
И зошто сега актуелните обвинители имаат отпор кон Катица кога самите се виновни што мораше да се формира специјално обвинителство? Зарем до сега немаа време да се одважат професионалните обвинители и да се спротивстават на своите претпоставени за политизација на институцијата? Но, има ли излез? Неофицијално, некои членови на Советот на обвинители не ја исклучуваат можноста утре одново да се гласа и за останатите предлози на Јанева. Едноставно сите оставаат да помине ноќта за да видат што ќе донесе утрото. Но, ако власта сака да се изгласаат и другите тоа може веднаш да го организира, пренесуваат изворите на Фокус. -Секој член во Советот се знае каде е позициониран, па затоа ако ВМРО ДПМНЕ сака навистина да се формира специјалното обвинителство тогаш преку своите луѓе ќе дозволи избор и на другите обвинители затоа што го имаат мнозинството во Советот, коментираат изворите.
За избор на обвинител доволни се шест гласа, а неизбраните имале по максимум четири. -Ако утре има гласање, тогаш сите 11 членови ќе гласаат за сите обвинители. Тоа ќе биде така оти ако има повторено гласање значи однапред се ќе биде договорено. Само не знам со кое лице истите членови кои денеска беа против утре ќе гласаат ЗА. Останува да се види до утре дали е можно да се закаже нова седница, велат за Фокус учесници во формирањето на специјалното обвинителство.
На крајот, како може да се протолкува сето ова ако не обид за опструкции на процесот, каква што е и најавата дека ќе се испитува уставноста на специјалното обвинителство. Дали на ваков начин се купува време па макар тоа било и ден, два три…? Но некому и тоа му е доволно. Сега до крајот на седмицата наместо да се спремаат двата закони и да се изберат министри на опозицијата, процесот заглави кај волјата на обвинителите во Советот. Или пак некој им наложи да го заглават процесот?