Советот на јавните обвинители ја определи Наташа Крстевска Цалева за вршител на должноста Виш јавен обвинител на Вишо јавно обвинителство Скопје, до изборот на нов шеф на ова обвинителство.
Определувањето вриштел на должноста Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје беше прва и единствена точка на дневен ред на денешната 33-та седница на Советот на јавни обвинители.
Советот на јавни обвинители на почетокот на неделава донесе одлука за престанок на функцијата јавен обвинител за Мустафа Хајрулахи, поранешен шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, по негово сопствено барање.
Хајрулахи беше суспендиран откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и едно за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Тој категорично ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека случајот е тенденциозен и политички монтиран со цел негово отстранување, поврзувајќи ја постапката со неговото постапување во врска со бонусите на СЈО.