Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска усвои резолуција за поддршка на европската перспектива на Западен Балкан, повикувајќи на нов поттик во процесот на проширување на ЕУ и барајќи од Западен Балкан веднаш да се справи со клучните предизвици со кои се соочува.
На пленарната седница во Стразбур за усвојување на резолуцијата гласаа 134 пратеници, тројца беа против, а тројца беа воздржани.
Во резолуцијата усвоена денеска се наведува дека зајакнувањето на демократската отпорност и почитувањето на владеењето на правото и човековите права, промовирањето на помирувањето и добрососедските односи, како и создавањето услови за посилен економски и социјален напредок во регионот претставуваат геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и демократска безбедност за цела Европа.
Парламентарното собрание на СЕ, како што е наведено, цврсто верува дека помагањето на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово да ги исполнат нивните аспирации за поблиска европска интеграција е важно не само за тие земји, туку и за Европа, и дека тоа ќе биде од придобивките на европските граѓани.
„Европската визија го губи својот сјај. Наместо тоа, повторно се појави етно-национализам, што е многу загрижувачки развој во регионот каде што спектарот на насилство е сè уште голем“, се наведува во резолуцијата.
Понатаму се наведува дека „императив е Западен Балкан да остане во фокусот“.